Автомобилската компанија Mercedes денеска објави дека планира да го рестартираат производството во фабриките во Германија помеѓу 20 и 22 април , откако тие беа затворени заради епидемијата со коронавирусот.
Од компанијата информираат дека производството најнапред ќе стартува со фабриките во Синделфинген и Бремен во Германија. Фабриката на Mercedes во Франција ќе почне со производство на 20 април, а фабриката во Унгарија се планира да го рестартира производството на 22 април, додека фабриката во Финска останува затворена до 5 мај, пишува Automotive News Europe.
Автомобилската компанија Volkswagen вчера објави дека на 20 април планираат делумно да ја отворат својата фабрика во регионот Наваре, Шпанија. За таа цел Volkswagen објави дека ќе го засилат производството од 14 април во неколку фабрики кои произведуваат делови за нив, а кои во моментов работат со намален капацитет.
Повеќето од автомобилските фабрики низ Европа сега се затворени, но плановите им се после велигденскиот викенд да почнат со снабдување со делови од погоните во Кина.
Германски производител на автомобили, BMW, пак, соопшти дека нема да започне со производство до 30 април, додека европските фабрики на Форд ќе останат затворени до 4 мај.