Железничкиот товарен транспорт на релација Кина- Европа достигна месечен рекорд во април, покажуваат податоците на државниот кинески оператор China State Railway Group.
Во април имало 979 товарни железнички транспорти на релација Кина-Европа, што е рекорд и раст од 46% во споредба со претходната година, а тие носеле вкупно 88.000 стандардни контејнери стоки.

Во текот, пак, на првите четири месеци биле извршени вкупно 2.920 транспортни патувања меѓу Кина и Европа, кои транспортирале 262.000 стандардни контејнери со стоки, што е пораст од 24% и 27% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на China State Railway Group.

Бројот на транспорти од Кина во Европа во првиот квартал достигнал 1.638 со вкупно 148.000 контејнери, додека од Европа ко Кина се обраќале 1.282 товарни возови со 114.000 контејнери.
Податоците покажуваат дека голем дел од транспортот од Кина биле медицинска и заштитна опрема потребна за борбата против коронавирусот.

Но, она што е можеби најважно е што овој вид транспорт се покажа како многу постабилен од поморскиот и воздушниот и одигра многу важна и голема улога во одржувањето на глобалните ланци на снабдување во услови кога светот се соочуваше на големи прекини во снабдувањето предизвикани од пандемијата на корона вирусот.

Ограничениот капацитет на авио карго транспорт  и високите трошоци за овој тип на транспорт предизвикаа дополнително зголемување на железничкиот сообраќај.

Податоците покажуваат дека европските превозници и логистички компании се повеќе се вртат кон транспорт на стока од Кина со воз заради прекинот на поморскиот и воздушниот транспорт меѓу Азија и Европа, предизвикан од блокадите создадени од пандемијата на коронавирус.

Времето за транспорт на железничките патни правци од Кина преку Казахстан или Монголија до Русија и потоа до карго центрите цела Европа обично трае од 16 до 18 дена.

Транспортот на производите преку море трае четири недели, а  преку воздух, помалку од една недела. Железничкиот карго транспорт е нешто поскап од поморскиот превоз, но е многу поевтин од воздушниот транспорт.

Но, стабилното работење на карго-возовите остана сигурен транспортен канал што ги поврзува Кина, Европа и земјите вклучени во кинеската иницијативата “Еден појас , еден пат”, покажувајќи ја својата стратегиска вредност.