Откако се соочија со тесните грла за снабдување предизвикани од пандемијата, производителите на чипови се соочуваат со нова главоболка: Русија, еден од најголемите светски добавувачи на гасови што се користат за производство на полупроводници, почна да го ограничува извозот.
Москва почна да го ограничува извозот на инертни или „благородни“ гасови, вклучително неон, аргон и хелиум во „непријателските“ земји на крајот на мај, според извештајот на руската државна новинска агенција ТАСС.
Сите три гасови се користат за производство на мали електронски чипови кои се наоѓаат во голем број производи за широка потрошувачка, од паметни телефони до машини за перење до автомобили, и кои се во критичeн недостиг веќе со месеци наназад.
Тоа е еден од најновите напади на претседателот Владимир Путин против земјите кои воведоа голем број санкции кон Москва како одговор на рускиот напад врз Украина.
Пред војната, Русија и Украина заедно сочинуваа околу 30% од снабдувањето со неонски гас во индустријата за чипови, според консултантската компанија Bain & Company.
Ограничувањата на извозот доаѓаат токму во моментот кога индустријата за полупроводници и нејзините клиенти почнаа да го надминуваат најлошото од кризата со снабдувањето.
Минатата година, производителите на автомобили произведоа 10 милиони возила помалку поради недостигот на чипови, според LMC Automotive, но се очекуваше испораките да се подобрат во втората половина од оваа година.
„Она што не ни треба, очигледно, е уште една драма со снабдувањето со чипови што може да влијае и можеби да го запре закрепнувањето“, рече Џастин Кокс, директор за глобално производство во автомобилската консултантска куќа Bain & Company.
Тој изјави за CNN Business дека ограничувањата за извоз на неон се „загрижувачки“, но не ги изненади производителите на чипови. Откако Русија го анектираше Крим од Украина пред осум години, индустријата се подготвуваше за дополнителни прекини во снабдувањето од регионот, рече тој.
Зависноста на индустријата од Украина и Русија за неон беше „историски многу висока“ помеѓу 80% и 90%. Но, од 2014 година, производителите на чипови го намалија тоа на помалку од една третина.
Сепак, дури и ако производителите на чипови можат да го заменат изгубеното снабдување од регионот, тие најверојатно ќе платат многу повеќе за виталните гасови.
Проценките се дека цените на неонските договори веќе се зголемени петпати од инвазијата на почетокот на оваа година и ќе останат на тие покачени нивоа во блиска иднина.
Извор: CNN Business