Во текот на изминатата година, од Македонија биле извезени 5.260 тони сладолед во вредност од 18,2 милиони евра, што претставува раст од 30% во споредба со претходната година. За ист толкав процент се зголемени и количините извезен сладолед на странските пазари, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Извозот на сладолед бележи континуиран раст во последните години. Така, во 2015 година, извозот на сладолед изнесувал 4,5 милиони евра. Податоците покажуваат дека за 10 години извозот на сладолед од Македонија е зголемен четирикратно.
Она што е особено значајно е фактот дека Македонија извезува повеќе сладолед отколку што увезува. Ретки се производите каде земјата може да се пофали како нето извозник — односно со позитивен трговски биланс и економски прилив од извоз.
Во 2024 година, во земјата биле увезени околу 3 илјади тони сладолед во вредност од 11,8 милиони евра. Тоа значи дека нето извозниот ефект од трговијата со сладолед лани изнесувал 6,4 милиони евра.
Каде се извезува македонскиот сладолед?
Сладоледот произведен во Македонија бил пласиран на 27 странски пазари, од кои на шест пазари извозот надминал 1 милион евра.
- Најголем извозен пазар бил Косово, каде биле продадени околу 1.000 тони сладолед во вредност од 3,4 милиони евра.
- Германија е втор по големина, со 718 тони и вредност од 2,5 милиони евра.
- Велика Британија – 2,4 милиони евра
- Холандија – 1,9 милиони евра
- Србија – 1,5 милиони евра
- Босна и Херцеговина – 1,2 милиони евра
- Албанија – 890 илјади евра
- Црна Гора – 840 илјади евра
- Грција – околу 500 илјади евра
- Австрија – 480 илјади евра
Кои се најголемите играчи во бизнисот со сладолед?
Според податоците од Централниот регистар, во земјава има 22 компании кои се занимаваат со производство на сладолед.
Најголем производител и извозник на сладолед во Македонија е „Цермат Битола“, компанија со домашен капитал, која во 2024 година оствари приходи од 23,3 милиони евра и нето добивка од 3,7 милиони евра. Според последната едиција Топ 100 Извозници, Цермат е меѓу најголемите 100 извозници во Македонија и со извоз од 10,7 милиони евра во 2023 година е рангирана на 67 место.
„Нехо Скопје“ е втор најголем производител, со вкупни приходи од 6,33 милиони евра и профит од 1,6 милиони евра.
„Цермат Производство“ е трета по големина компанија во оваа индустрија, со приходи од 270 илјади евра и профит од 16.683 евра.