Светската трговска организација (СТО) предвиде дека светската трговија ќе порасне значително пониско од очекуваното оваа година, потенцирајќи дека изгледите за глобалната економија се влошиле по рускиот напад на Украина.
Организацијата со седиште во Женева наведе дека светската трговија се очекува да порасне за 3% оваа година, додека пред војната во Украина предвидуваше дека растот ќе изнесува 4,7%.
СТО укажа на повеќекратни несигурности во прогнозата, бидејќи војната го загрозува рускиот и украинскиот извоз на производи како храна, нафта и ѓубрива. Таа го истакна и долгорочното влијание на пандемијата на корона вирусот, особено поради карантините во Кина.
Прогнозите за трговската размена ги земаат предвид факторите како што се влијанието на војната, санкциите врз Русија и намалената побарувачка низ светот поради помалата самодоверба на компаниите и потрошувачите, соопшти СТО.
Генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала рече дека војната предизвикала „огромно човечко страдање“ во регионот и дека нејзините ефекти се почувствувале низ целиот свет, особено во посиромашните земји.