Цените на памукот како суровина се зголемија на глобално ниво за 30% од почетокот на годината и се највисоки од 2011 година, објавува Блумберг. Причина е намалувањето на годинешниот род на памук кој беше погоден од екстремните временски услови, суша и обилни врнежи.

Најголемиот дел од новиот род памук е продаден, па земјоделците ќе се обидат да се изборат за повисоки цени на памукот во наредната 2023 година.

Индија, која е еден од најголемите производители, е принудена да увезува памук поради обилните врнежи.

Високите температури во Кина би можеле негативно да влијаат на исходот од неодамнешната жетва.

Во САД, најголемиот светски извозник на памук, влошената суша предизвикува проблеми на фармите и се проценува дека производството ќе падне на најниско ниво во повеќе од една деценија.

Производството на памук во САД се очекува да падне за 28% и ќе биде најниско од сезоната 2009-2010 година. Причината е сушата, која стана толку екстремна што американската влада го ограничи наводнувањето на посевите со вода од реката Колорадо.
Бразил, вториот најголем извозник на памук во светот, се бори со екстремни горештини и суши, кои веќе ги намалија овогодинешните приноси за речиси 30%.

Сепак, најавата на бразилските земјоделци дека ќе ги зголемат насадите на памук за 100.000 хектари на 1,7 милиони хектари во сезоната 2022-2023 се смета за добра вест. Садењето памук во Бразил започнува во јануари.

САД и Бразил заедно сочинуваат половина од светскиот извоз на памук.