SEPA придобивки

Членството на Северна Македонија во Единствената европска платежна област (SEPA) кое ќе стане оперативно во декември 2025 година може да донесе годишни заштеди од над 61,8 милиони евра, од кои најголемиот дел се однесува на надворешно-трговски плаќања. За извозниците и увозниците, ова значи директна финансиска корист, подобра ликвидност и зголемена конкурентност на европските пазари.

 “Најнепосредната економска придобивка е намалувањето на надоместоците за прекугранични плаќања. Проценуваме потенцијални годишни заштеди од 58 милиони евра за плаќања во странство и 3,8 милиони евра за трансфери на дознаки, што вкупно изнесува до 61,8 милиони евра. Стратешки, членството во SEPA го зајакнува патот на Северна Македонија кон ЕУ и го олеснува пристапот до средствата на ЕУ во рамките на Планот за раст”, се вели во најновата анализа на Германскиот економски тим (German Economic Team) посветена на проценка на потенцијалните заштеди поврзани со членството на Северна Македонија во SEPA.
Исто така, членството во SEPA може да поттикне поголема конкуренција меѓу давателите на услуги за плаќање (PSP) и со тоа да ги намали трошоците за домашни трансакции, со што ќе се зголеми транспарентноста и финансиската интермедијација.

Што значи SEPA?

SEPA (Single Euro Payments Area) е иницијатива на Европската унија која овозможува брзи, сигурни и нискобуџетни плаќања во евра меѓу земјите-членки, без разлика дали трансакцијата е домашна или прекугранична. Со приклучувањето на Северна Македонија, давателите на услуги за плаќање (PSP) во земјата добиваат пристап до SEPA шемите, а системот се очекува да стане оперативен од декември 2025 година.

Народната банка одигра клучна улога во координирањето на процесот, а многу македонски банки, како подружници на европски групи, веќе ги исполнуваат техничките стандарди за интеграција.

Северна Македонија е третата земја во Западен Балкан што се приклучи на SEPA по Албанија и Црна Гора, кои се приклучија во ноември 2024 година.

Големи заштеди во плаќањата во надворешната трговија

Германскиот економски во анализата се фокусира на двата дела што се најважни: трговија со стоки и услуги и дознаки. Анализата го зема предвид долгорочното, претпоставувајќи дека сите ПСП во Северна Македонија се приклучиле на шемите на SEPA и дека сите земји од Западен Балкан се членки.

Во 2024 година, вкупната вредност на надворешно-трговските плаќања со земјите од SEPA изнесуваше 15,6 милијарди евра. Според студија на Светската банка, просечните трошоци за B2B трансакции (типични за мали и средни претпријатија) се очекува да се намалат од 0,41% на 0,04%, што претставува намалување од 0,37 процентни поени.

Тоа значи потенцијални годишни заштеди од 58 милиони евра само за трговијата со стоки и услуги. Во анализата се потенцира дека ова е горна проценка, бидејќи се користи вкупната вредност на трговијата (со што не се опфаќа ефектот на интегрираните вредносни синџири), а тековните трошоци во студијата на Светската банка се базираат на трошоците за мали и средни претпријатија, додека поголемите фирми се соочуваат со пониски просечни трошоци

Овие заштеди се особено значајни за компании што редовно вршат плаќања кон добавувачи или клиенти во ЕУ, извозници што наплатуваат во евра, бизниси што работат со интегрирани вредносни синџири и логистички партнери во Европа.


“Распределбата на заштедите покажува дека извозниците и увозниците заштедуваат приближно слични износи, додека заштедите од трговијата со тековните членки на SEPA се многу поголеми отколку со шесте земји од Западен Балкан”, се вели во анализата.



Дознаки: мали заштеди, големо значење



Дознаките се уште еден важен аспект каде што членството во SEPA дава опипливи заштеди – иако во помала мера од надворешната трговија.

Во 2024 година, Северна Македонија прими 423 милиони евра лични дознаки, од кои околу 316 милиони евра (75%) потекнуваат од SEPA земји — особено Германија, Швајцарија, Австрија и Италија.

Очекуваното намалување на трошоците за дознаки е од 3,05% на 1,85%, што носи заштеди од 3,8 милиони евра годишно.

Иако овие заштеди се помали во апсолутна смисла во споредба со заштедите во трговијата, тие имаат силно општествено значење — особено за дијаспората и семејствата што зависат од овие трансфери.
Со намалување на трошоците за испраќање пари дома, се намалува финансискиот товар врз дијаспората.

Стратешки импликации за економијата и ЕУ интеграцијата

Освен директните монетарни заштеди, членството во SEPA нуди дополнителни долгорочни предности. Членството во SEPA не е само техничка интеграција — тоа е сигнал за институционална зрелост и европска ориентација. Во однос на односите со ЕУ, членството во SEPA е во согласност со Планот за раст на ЕУ и може да го подобри пристапот на Северна Македонија до финансиска поддршка.

Во контекст на Планот за раст на ЕУ, SEPA го олеснува пристапот до финансиски средства и ја зајакнува довербата кај странските инвеститори.

Исполнувањето на барањата на SEPA, исто така, покажува напредок во хармонизацијата со стандардите на ЕУ и го зајакнува институционалниот кредибилитет.

На домашно ниво, зголемената конкуренција би можела да ги намали трошоците за банкарски трансфер и со тоа да доведе до поголемо прифаќање на безготовински средства за плаќање. Ова би го зголемило користењето на формални финансиски канали, што пак би ја зајакнало транспарентноста и финансиското посредување. Многу од овие придобивки не можат лесно да се квантифицираат ex ante, но се од големо значење за модернизацијата на економијата и интеграцијата во европската финансиска инфраструктура”, се вели во анализата.

Успешното пристапување на Северна Македонија во SEPA е затоа важен чекор на нејзиниот европски пат. Следната задача ќе биде обезбедување широко учество на PSP во SEPA шемите и промовирање на свеста кај корисниците.

Доколку се спроведе ефикасно, SEPA би можела да дејствува како катализатор за развој на финансискиот сектор, транспарентност и инклузивен раст во Северна Македонија.

SEPA и нејзиното проширување

Единствената европска платежна област (SEPA) е иницијатива на ЕУ дизајнирана да ги хармонизира електронските плаќања деноминирани во евра низ цела Европа. Иницијативата е политички водена од Европската комисија, која ја надгледува законската рамка, додека Европскиот совет за плаќања (ЕСП) ја координира техничката имплементација. Европската централна банка игра поддржувачка улога преку политички дијалог и процеси на управување.