Најуспешната македонска компанија “Алкалоид” АД Скопје годинава слави важен јубилеј- 85 години работење. Од мал погон за преработка на алкалоиди со 15 вработени, Алкалоид за изминативе осум децении развој израсна во една од најголемите фармацевтски компании во Југоисточна Европа, со современи производи погони кои се простираат на 60.000 метри2 и повеќе од 2.500 вработени во базата во Скопје и во 20-те подружници во 15 земји во светот.
„Во годината на нашиот 85-годишен јубилеј, во оваа втора пандемиска година, исполнета со бројни предизвици и неизвесности, би сакал да се заблагодарам на сите генерации, членови на големото семејство алкалоидовци за посветената работа, надчовечките напори вложени за непречено одвивање на процесите. Главни приоритети на Алкалоид и понатаму ќе останат грижата за вработените, акционерите, животната средина, деловните партнери, здравствените системи и здравјето пред се”,  изјави во обраќањето Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, по повод 85-годишниот љубилеј на компанијата.
Според Мукаетов, континуираниот деловен успех и одржлив развој на Алкалоид се должи на квалитетот на производите, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на брендот Алкалоид и поединечните брендови  кои ги граделе претходните генерации.
Денеска, над 60% од производството на Алкалоид се пласира во повеќе од 40 земји во светот.
“Нашите инвестиции во изминатите 15 години достигнаа над 200 миллиони евра алоцирани во современи производни капацитети, лабаратории, истраѓување и развој, технологии и континуирана едукација на вработени ни овозможуваат пласман на супериорни производи, кои можат да конкурираат со кој било производи во својот сегмент во светот, изјави Мукаетов, кој потенцираше дека гордо, достоинствено и посветено ќе продолжат да работат на глобализација на брендот Алкалоид.
Покрај деловниот успех, за сите овие години препознатлива одика на Алкалоид е и вложувањето во средината во која работи.
Корпоративната општествена одговорност е висок императив за “Алкалоид” и влог за поттик на пошироко општествено делување, вели Мукаетов.
“Алкалоид” и фондацијата “Трајче Мукаетов” на разни начини помагаат во развојот на македонското здравство и фармацијата, а исто така инвестираат и во спортот, културата, образованието и во другите општетсвени сфери.
Во прилог ви го пренесуваме видеото од обраќањето со кое директорот Мукаетов се обрати до вработените и до јавноста.