Мексико соопшти дека ќе ги зголеми царините за автомобили од Кина и други азиски земји на 50%, во рамките на пошироката реформа на увозните давачки за која владата рече дека има за цел да ги заштити домашната економија и работните места. Покрај автомобилите, увозни царини ќе има и за други производи и кон земји кои немаат договор за слободна трговија со Мексико. Аналитичарите сметаат дека царинска реформа Мексико ја прави под силен притисок на САД со цел да се сопре растечкото влијание на Пекинг во економијата на земјата, која бележи долгогодишен пораст на кинескиот увоз и инвестиции, но и да се спречи Мексико да биде влез на евтините кинески стоки во САД.
Министерството за економија соопшти дека потезите, кои ќе ги зголемат царините во различен степен за стоки во повеќе сектори, вклучувајќи текстил, челик и автомобилска индустрија, ќе влијаат на увоз вреден 52 милијарди долари.
„Тие веќе имаат царини“, изјави министерот за економија Марсело Ебрард на новинарите кога беше прашан за увозните давачки за кинески автомобили, кои моментално изнесуваат 20%. „Она што ќе го направиме е да ги подигнеме на максималното дозволено ниво.
„Без одредено ниво на заштита, речиси и не можете да се натпреварувате“, додаде тој.
Ебрард рече дека мерките, кои се во рамките на ограничувањата наметнати од Светската трговска организација, имаат за цел да ги заштитат работните места во Мексико, бидејќи кинеските автомобили влегуваат на локалниот пазар „под она што ние го нарекуваме референтни цени“.
Планот сè уште треба да биде одобрен од Конгресот, каде што владата има значително мнозинство.
Планот ќе влијае на 8,6% од целиот увоз, се вели во документот, и ќе ги заштити 325.000 работни места во индустријата и производството кои се изложени на ризик.
Мерките, исто така, вклучуваат царина од 35% за челик, играчки и мотоцикли. Текстилот ќе има даноци помеѓу 10% и 50%.
Овој потег доаѓа во време кога САД ги притискаат земјите во Латинска Америка да ги ограничат своите економски врски со Кина, со која се натпреваруваат за влијание во регионот.
Според аналитичарите, царините за земјите со кои Мексико нема трговски договори имаат две цели. Прво, повеќе приходи и второ, да изгледа добро за Трамп.