Корпорацијата за меѓународен развој на САД –The U.S. International Development Finance Corporation (DFC) потпиша Договор за развој на проект со Pela Global Limited (Pela) за обнова на рудник за антимон и преработка во рудникот Крстов Дол во С.Македонија.
Во писменото соопштение објавено на веб страницата на DFC се вели дека овој договор ја означува првата инвестиција на DFC во антимон, минерал што се користи во низа индустриски и одбранбени апликации, и прв проект во Северна Македонија.
„DFC со гордост го објавува нашето партнерство со Пела за овој стратешки Договор за развој на проект, наш прв во Северна Македонија“, рече извршниот директор на DFC, Бен Блек.
„Со поддршка на обновата на рудникот за антимон и преработка во Крстов Дол, овој проект ќе помогне во диверзификацијата на глобалното снабдување со антимон подалеку од Кина и ќе обезбеди сигурен извор на овој критичен минерал за САД и нашите сојузници“, изјави Блек.
„Ова партнерство со DFC ни овозможува да го вратиме рудникот Крстов Дол во производство. Тоа означува важен чекор во унапредувањето на докажан ресурс, а воедно ги поддржува напорите за зајакнување и диверзификација на снабдувањето со антимон за САД и сојузничките пазари“, рече Ник Јовановски, основач и генерален директор на Пела.

Во соопштението на DFC се наведува дека антимонот е критичен минерал кој е клучна компонента во материјалите отпорни на пламен, батериите, полупроводниците, оклопите и друго. “Антимонот е предмет на кинески извозни ограничувања, кои ја зголемија цената и го загрозија пристапот на САД до овој материјал. Оваа инвестиција во рудникот Крстов Дол во Северна Македонија има потенцијал да ги поддржи американските и сојузничките пазари кои активно се стремат да се диверзифицираат од зависноста од Кина и геополитичките манипулации. PELA неодамна соработуваше со PGM Processing, компанија со седиште во САД, за да истражи договор за комерцијално преземање за потенцијална преработка во Соединетите Американски Држави“, се вели во соопштението.
Според објаснувањето, финансирањето од 5 милиони долари за рудникот ќе поддржи структурирана програма на активности дизајнирани да ја потврдат техничката и комерцијалната одржливост на проектот и да го подготват за потенцијална изградба. “Оваа работа вклучува ажурирана анализа на минералните ресурси на локацијата и студии за изводливост за водење на инженерството, трошоците и оперативното планирање”.
За македонското Министерство за енергетика, финансиската поддршка претставува конкретен чекор во насока на развој на потенцијалот на критичните минерали, како значаен сегмент од современите енергетски и индустриски политики.
“Со овој договор се отвораат можности за понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој, во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини и претставува значаен сигнал за зголемен интерес за инвестирање во секторот на критични минерали во Македонија и дополнително ја потврдува стратешката соработка со САД во областа на енергетиката и ресурсите“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Настанот се реализираше во рамки на официјалната посета на владината делегација на СAД, а на потпишувањето на Договорот присуствуваше и минстерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Корпорацијата за меѓународен развој на САД за финансирање (DFC) е основана во 2019 година со двопартиска поддршка од претседателот Трамп. Таа е гранка за меѓународни инвестиции на Владата на САД. DFC соработува со приватниот сектор за унапредување на надворешната политика на САД и зајакнување на националната безбедност преку мобилизирање на приватен капитал низ целиот свет.
DFC инвестира во стратешки сектори, вклучувајќи критични минерали, модерна инфраструктура и напредна технологија – поттикнувајќи економски развој, поддржувајќи ги интересите на САД и обезбедувајќи принос за американските даночни обврзници.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:




























