На Светскиот ден на овошјето, кој се одбележува на 1 јули, бројките покажуваат дека Македонија продолжува да го губи производствениот и извозниот потенцијал во овоштарството. Земјата од година во година извезува сè помалку овошје, додека увозот постојано расте, што доведува до сè поголем трговски дефицит.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година од Македонија биле извезени 170 илјади тони овошје во вредност од 59,8 милиони евра. Во споредба со 2024 година, приходите од извоз се намалени за 8%, а извезените количини за 22%.

Уште позагрижувачка е споредбата со периодот од пред една деценија. За десет години количините на извезено овошје се намалени за 37%, додека вредноста на извозот е зголемена за само 6,3%, што укажува на стагнација на секторот и губење на конкурентноста на странските пазари.

Во исто време, Македонија сè повеќе зависи од увоз. Лани биле увезени 82 илјади тони овошје во вредност од 78,6 милиони евра, што претставува раст на вредноста на увозот од 22%, додека увезените количини се зголемени за 5,3%. Поради тоа, трговијата со овошје заврши со дефицит од 18,8 милиони евра.

Негативните трендови се видливи и во домашното производство. Во споредба со предпандемиската 2019 година, производството на речиси сите овошни култури бележи значително намалување, што директно се одразува врз извозните резултати.

Падот продолжува и годинава

Податоците за првите четири месеци од 2026 година покажуваат дека состојбата дополнително се влошува.

Во периодот јануари – април од Македонија биле извезени само 10 илјади тони овошје во вредност од 5,7 милиони евра. Во споредба со истиот период минатата година, извезените количини се намалени за 52%, додека приходите од извоз се пониски за 44%. Лани во првите четири месеци од извозот на овошје биле остварени приходи од повеќе од 10 милиони евра, што значи дека годинава тие се речиси преполовени.

Најголем удел во извозот и натаму имаат јаболката, но токму кај оваа култура во последните години се бележи континуиран пад и на производството и на извозот.

За споредба, Србија во текот на 2025 година извезла околу 288 илјади тони овошје во вредност од 807 милиони евра, што е повеќекратно повеќе од македонскиот извоз и по количина и по вредност.

Наскоро ИзвозМК ќе објави подетална анализа за состојбите, причините за падот и перспективите на производството и извозот на овошје и зеленчук во Македонија.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Топ 30 извозни пазари за македонската храна: Кои пазари растат најбрзо?

Стануваме сè позависни од увоз на храна: Увезуваме двојно повеќе отколку што извезуваме