Само неколку месеци по лансирањето и брзото распродавање на првите локални тиражи, премиум производите за нега на патики PRODUCTS.™ почнаа да се продаваат и во маркетите INTERSPAR во Хрватска.

„INTERSPAR ги препозна квалитетот и приказната зад PRODUCTS и го отвора патот кон извозните пазари за овие производи“, вели уметникот Сатја Грабуловски, сопственик на дизајнерското студио Swithadot, кое заедно со македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ во март годинава ја лансираше новата професионална линија за нега на патики PRODUCTS.™

Made in Macedonia. А ова е само почеток“, додава Грабуловски, најавувајќи дека се планира производите наскоро да бидат достапни и на други извозни пазари.

ИзвозМК веќе пишуваше за лансирањето на новата професионална линија PRODUCTS.™, која вклучува марамчиња за целосно чистење, специјализирани марамчиња за чистење на ѓонови и пена за комплетен третман, со брз и ефикасен ефект за чистење и обновување на обувките.

Создадена по години развој и тестирање, професионалната линија за нега на патики PRODUCTS нуди три брзи и ефикасни решенија за чистење и освежување на патиките, со цел да обезбеди беспрекорен изглед и подолг животен век. Производите се развиени со внимание кон секој детал – од формулацијата и ефикасноста до препознатливиот дизајн и мирис – за да понудат современо решение за одржување и нега на патиките“, изјавија од „Алкалоид“.

Благодарение на знаењето на врвните експерти на „Алкалоид“ и дизајнот на Swithadot – премиум студио кое во своето портфолио има повеќе од 400 светски познати јавни личности – PRODUCTS.™ претставува избор што е тестиран и препорачан од sneakerheads и колекционери ширум светот.

Македонскиот дизајнер Сатја Грабуловски и неговото студио Swithadot се познати по изработката на персонализирани, уникатни и рачно насликани патики за голем број светски и регионални ѕвезди, меѓу кои се Новак Ѓоковиќ, Кристијано Роналдо, Леброн Џејмс, како и стотици други спортисти, музичари, актери и јавни личности.