Пленумот на Логистичкиот конзорциум на БиХ, во координација со репрезентативните здруженија на патни превозници од Србија, Црна Гора и Северна Македонија, објави дека заедничките регионални протести на транспортниот сектор ќе започнат на 14 септември на граничните премини кон земјите-членки на Европската Унија (ЕУ).
Како што најави Конзорциумот, протестите ќе бидат организирани поради недостаток на конкретно и одржливо решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи (90 дена во рок од 180 дена) од земјите од Западен Балкан во Шенген зоната.
Превозниците од регионот и дадоа шанса на ЕУ да изнајде решение за овој проблем, но за жал европските власти останаа без никаков одговор заради што возачите продолжуваат да се соочуваат со апсења, депортации, забрани за влез и други последици од примената на постојните правила и посочи дека ова негативно влијае на работењето на транспортните компании и синџирите на снабдување.
Околу 17.000 професионални возачи во С.Македонија и над 100 илјади од земјите од Западен Балксн се соочуваат со овој проблем заради кој не можат да си ја извршуваат работата за која се платени.
Блокадата може да предизвика сериозни проблеми за компаниите и синџирите на снабдување
Најавената блокада на граничните премини кон Европската Унија може да има значително пошироки економски последици од директниот удар врз транспортниот сектор. Доколку протестите траат подолго, проблемите брзо би можеле да се пренесат врз извозните и увозните компании во Македонија и регионот, но и врз нивните деловни партнери и производствени капацитети во ЕУ.
За македонските извозници еден од најголемите ризици е доцнењето на испораките кон европските купувачи. Ова е особено чувствително за компаниите интегрирани во европските производствени синџири, каде суровините, компонентите и готовите производи се испорачуваат според однапред дефинирани рокови.
Најизложени би биле компаниите од автомобилската и компонентната индустрија, металопреработувачката и машинската индустрија, текстилната и прехранбената индустрија, како и производителите на лесно расиплива стока. Кај нив и релативно кратко доцнење може да создаде проблеми со производството или исполнувањето на договорените рокови.
Дополнителен проблем е што блокадата ќе влијае и врз увозот на суровини, репроматеријали, компоненти и опрема од ЕУ. Компаниите кои работат со мали залихи и се потпираат на редовни испораки би можеле да се соочат со недостиг на материјали, забавување, а во екстремни случаи и привремен прекин на производството.
Последиците би се почувствувале и преку повисоки логистички трошоци. Долгото задржување на камионите значи дополнителни трошоци за превозниците, губење работни часови, нарушување на распоредот на возилата и возачите и можни дополнителни трошоци за складирање или алтернативни транспортни рути. Дел од тие трошоци на крајот може да бидат префрлени врз производителите и трговците.
Проблем и за европските компании
Блокадата не би била проблем само за Западен Балкан. Европските компании кои набавуваат компоненти, производи и суровини од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора исто така може да се соочат со доцнења.
Ова е особено важно за производствените системи организирани според принципот „just-in-time“, каде компаниите не располагаат со големи залихи. Прекинот на една алка во синџирот може да предизвика застој и во фабрики кои се наоѓаат стотици километри подалеку.
За компаниите од Западен Балкан, подолготрајните проблеми со транспортот носат и стратешки ризик. Доколку европските купувачи проценат дека испораките од регионот стануваат несигурни, дел од нив би можеле да почнат да бараат алтернативни добавувачи од земји со помал логистички ризик.
Токму затоа прашањето за престојот на професионалните возачи во Шенген зоната веќе не е само проблем на транспортниот сектор. Тоа станува прашање на конкурентноста на компаниите од Западен Балкан и стабилноста на синџирите на снабдување меѓу регионот и Европската Унија.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Македонските превозници на предупредувачки протест пред Делгацијата на ЕУ во Скопје на 31 август
ревозниците од регионот денес на состанок со ЕК за решението за останување во Шенген зоната

























