„Алкалоид“ АД Скопје стана првата домашна компанија што го доби меѓународно признатиот сертификат Top Employer 2026 за Македонија. Признанието, кое го доделува холандскиот Top Employers Institute, претставува потврда за високите стандарди во управувањето со човечките ресурси, грижата за вработените и континуираното вложување во нивниот професионален развој.
Ова меѓународно признание доаѓа во годината кога „Алкалоид“ одбележува 90 години од своето постоење, означувајќи уште едно значајно достигнување во развојот на компанијата и нејзиното позиционирање според меѓународните корпоративни стандарди.
Сертификатот Top Employer се доделува на компании кои исполнуваат високи критериуми во областа на човечките ресурси, врз основа на детална процена на нивните политики, процеси и практики.
Методологијата на Top Employers Institute опфаќа шест клучни области и 20 теми, меѓу кои стратегијата за управување со човечките ресурси, лидерството, работната средина, привлекувањето и развојот на таленти, благосостојбата на вработените и корпоративните вредности.
Добивањето на сертификатот претставува меѓународна потврда за пристапот на „Алкалоид“ кон развојот на човечкиот капитал и создавањето работна средина во која се поттикнуваат знаењето, професионалниот напредок и долгорочниот развој на вработените.
Мукаетов: Признанието е резултат на заедничката посветеност и вложувањето во луѓето
За генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, добивањето на сертификатот е признанието кое има особено значење бидејќи доаѓа во годината на големиот јубилеј на компанијата.
„Особено сме горди што во годината во која го одбележуваме нашиот 90-годишен јубилеј ’Алкалоид’ го добива ова престижно меѓународно признание. За нас тоа претставува потврда за долгогодишната посветеност на развојот на компанијата, континуираното унапредување на корпоративните практики и градењето култура заснована на доверба, почит и заеднички вредности. Ова признание е дополнителен поттик да продолжиме да вложуваме во знаењето, професионалниот развој и создавањето нови можности со истата одговорност со која го градиме нашиот успех. Упатувам особена благодарност до сите алкалоидовци, чиј придонес е нераскинлив дел од ова заедничко достигнување“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Тој во видеообраќање се заблагодари на сите алкалоидовци што се дел од успешната приказна на Алкалоид и што секојдневно придонесуваат Алкалоид да биде компанија на која сите се горди.
Развојот на човечкиот потенцијал, континуираното унапредување на организациските практики и создавањето квалитетна работна средина остануваат меѓу стратешките приоритети на „Алкалоид“, придонесувајќи за одржлив раст, меѓународна конкурентност и за натамошно зајакнување на позицијата на компанијата со силен национален и меѓународен углед и со препознатлив корпоративен идентитет.
Во годината на својот 90-годишен јубилеј, „Алкалоид“ додава уште едно меѓународно достигнување во својата корпоративна историја, што е потврда за стратешката определба за развој на вработените и континуирано унапредување на деловните практики.
























