Фармацевтската компанија Алкалоид објави дека првите девет месеци ги завршила со раст на продажбите и на извозот, поголеми инвестиции и зголемена профитабилност.
Извештаите објавени на Македонската берза покажуваат дека Алкалоид во периодот од јануари до септември 2025 година остварил вкупни консолидирани продажби од 15.191.149.664 денари (247 милиони евра), што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Од компанијата објаснуваат дека годинешниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика, по импресивните 14% раст на продажбите остварен во 2024 година.
Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %.
65% од вкупните продажби на Алкалоид се на странски пазари
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 17 % во споредба со првите девет месеци од минатата година.
“Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби”, објаснуваат од компанијата.
Од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени 6-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 5,5-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Финска, каде што се зголемени 3,5-пати, како и во Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени 2 пати.
Потоа следуваат оние во Исланд (раст од 83%), Португалија (раст од 59%), Ирска (раст од 45 %), во Грузија (раст од 40 %), Казахстан (раст од 29 %), Полска (раст од 23 %), во Германија (раст од 19 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Ерменија (раст од 13 %) итн.
Од компанијата потенцираат дека продажбите на странските пазари годинава ќе ги надминат минатогодишните.
Антибиотиците се најпродаван производ
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %.
Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн.
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %.
Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство  се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.
Сегментот фармација бележи раст од 7 %, хемија раст од 20 %, козметика пад од 2 %, а билкарство намалување од 14 %.
“Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија, Србија и во Црна Гора кои беа на сила во одреден период од годината”, објаснуваат од компанијата.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 929.289.935 денари или 15,1 милион евра.
Нето добивката поголема за 8%
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу 8 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за 7 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за 8 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Групацијата Алкалоид има 2.996 вработени
Во периодот јануари – септември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 46 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата.
Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.996 вработени, од кои 2.251 се во земјава, а 745 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Цената на акцијата повисока за 31,7% во споредба со истиот период лани
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.334,92 денари за една акција, што претставува раст од 31,7 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 30.09.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.395 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36,9 милијарди денари.
На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.
Бизнис-план за 2025 година
Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
„АЛКАЛОИД“ 22 ГОДИНИ ДЕЛ ОД ВОДЕЧКИОТ ГЛОБАЛЕН ФАРМАЦЕВТСКИ НАСТАН CPhI
Мукаетов: Kонтинуираниот раст е возможен само кога целиме надвор од границите
Шаxовскиот клуб Алкалоид европски вицешампион по третпат!
Хуманитарен пикник за вработените на “Алкалоид”: Донирани 1,8 милион денари за Црвен крст
 
            
 
		


