Индустриското производство во Македонија во мај 2026 година е намалено за 2% во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Раст е забележан единствено во секторот снабдување со електрична енергија, гас и водна пареа, додека рударството бележи пад од 3,6%.
Најголемото влијание врз вкупниот резултат го има преработувачката индустрија, која учествува со повеќе од 80% во индустриското производство и во мај забележа намалување од 2,6%.
Пад е регистриран во повеќе индустриски гранки, меѓу кои:
- производство на облека (-18,8%),
- текстил (-17,3%),
- пијалаци (-12,7%),
- машини и уреди (-12,9%),
- фабрикувани метални производи (-9,3%),
- електрична опрема (-7,8%),
- хемиски производи (-6,2%),
- фармацевтски производи (-6,0%),
- моторни возила, приколки и полуприколки (-2,3%).
Според Државниот завод за статистика, најголем придонес кон падот имаат производството на електрична опрема, машини и уреди и производството на моторни возила, приколки и полуприколки.
Станува збор за индустриски гранки во кои доминираат компаниите од автомобилската индустрија и производството на автомобилски компоненти, една од најзначајните извозни дејности во земјата.
Нивните резултати се директно погодени од забавувањето на европската автомобилска индустрија, која минува низ сериозна трансформација. Европските, а посебно германските производители на автомобили се под силен притисок од повисоки царини, засилена конкуренција од кинеските компании, забрзаната електрификација на возилата и послабата продажба.
Овие глобални предизвици сè повеќе се одразуваат и врз македонската индустрија, која е тесно поврзана со европските производствени синџири.

























