Европскиот парламент вчера ги усвои новите построги мерки за увоз на челик во Европската Унија, со цел да ја заштити европската челична индустрија од растечкиот увоз и да ја зголеми искористеноста на производствените капацитети на околу 80%.
Новите мерки треба да стапат во сила од 1 јули и предвидуваат значително намалување на количините челик што може да се увезуваат без царина, но и двојно зголемување за увозот на челик во ЕУ над тие квоти.
Што предвидуваат новите мерки?
Според новите правила:
· ЕУ ќе го намали увозот на челик без царина за 47% во однос на нивото од 2024 година, на околу 18,3 милиони метрички тони годишно.
· За увоз над утврдените квоти ќе се применуваат царини од 50%, наместо досегашните 25%.
· Ќе се воведат построги правила за следење на потеклото на челикот („melted and poured“) со цел да се спречи заобиколување на царинските мерки.
· Европската комисија до 1 јули ќе ги утврди дозволените бесцарински квоти по земји.
Во Европскиот парламент оценуваат дека мерките се неопходни поради глобалниот вишок на производство, особено поради силниот раст на извозот од Азија и зголемениот конкурентски притисок врз европските производители.
Силен удар за македонската челична индустрија
Новите ограничувања може сериозно да ја погодат македонската челична индустрија, бидејќи најголем дел од македонското производство на челик и метални производи е насочено кон европскиот пазар.
Намалувањето на бесцаринските квоти значи дека голем дел од извозот во ЕУ би можел да биде опфатен со значително повисоки царини, што директно ќе ја намали конкурентноста на македонските производители на европскиот пазар. Тоа на крајот ќе се одрази со намалување на производството, пад на извозот, губење на дел од нарачките, притисок врз профитабилноста, како и одложување на нови инвестиции во челичниот сектор.
ИзвозМК веќе пишуваше дека македонската челична индустрија веќе се соочува со намален извоз, а податоците покажуваат дека извозот на челик од земјава се намалува и лани бил на најниско ниво во последните седум години.
Иако земјите од Западен Балкан побараа изземање од новите правила за квоти и царини, нивното барање не беше прифатено.
Но, дел од пратениците во Европскиот парламент на вчерашното гласање на новата регулатива поддржаа задржување на повисоки квоти за Украина, оценувајќи дека Украина не претставува извор на прекумерен увоз и дека треба да се третира како стратешки партнер и идна членка на ЕУ.
Минатата година, најголеми извори на увоз на челик во ЕУ биле Турција, Јужна Кореја, Индонезија, Кина, Индија, Украина и Тајван.
Мерките беа усвоени со големо мнозинство во Европскиот парламент — 606 пратеници гласаа „за“, 16 „против“, а 39 беа „воздржани“.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Александар Гечев: Европската интеграција на Македонија мора да значи и индустриска рамноправност
ЕK предложи двојно помали квоти за увоз на челик без царина и двојно повисоки царини од 50%
Извозот на железо и челик од Македонија на најниско ниво во последните седум години


























