Фармацевтската компанија Алкалоид објави како ќе ја распредели ланската добивка во износ од 27,7 милиони евра. Според предлогот доставен за усвојување на Собранието на акционери, кое ќе се одржи на 1 април 2025 година, ќе бидат издвоени над 900 милиони денари за исплата на дивиденда и персонален данок на личен доход и над 800 милиони денари за инвестиции.
Управниот одбор предлага дивиденда за 2024 година од 630 денари бруто (567 денари нето) по акција, што е зголемување од 16,67% во однос на претходната година.

Исплатата на дивидендата ќе започне на 14.05.2025 година и ќе биде извршена на трансакциските сметки на акционерите.

Алкалоид вчера соопшти дека ја заврши 2024 година со консолидирани продажби од 309 милиони евра, раст од 15%, а извозот достигнал рекордни 210 милиони евра.