Компанијата Алкалоид Белград донираше на материјал за дијализа на Институтот за јавно здравје на Србија “Др Милан Јовановиќ Батут”, во вредност од 10,5 милиони динари или околу 90 илајди евра, објавува српски “Blic.rs”

Целта на оваа донација е да се придонесе за подобрување на специфичните услови за работење на здравствените работници во нивната благородна мисија во услови на пандемија, како и да се олесни третманот на пациенти на дијализа во Република Србија.

Донираниот материјал за дијализа е дел од Техничката спецификација на тендерските документи на централизираната јавна набавка – Материјал за дијализа спроведена од РФЗО, како набавувач за потребите на здравствените институции од Планот на мрежата на здравствени установи во Република Србија.

Водени од принципите на корпоративна општествена одговорност, како и хуманата програмско-производна определеност, првенствено насочени кон крајните корисници, Алкалоид од почетокот на годината донираше над 300.000 евра на здравствени институции и здруженија во Македонија и регионот за набавка на реагенси, лекови, апарати, средства за хигиена и за слични намени.

Покрај донациите во Македонија и Србија, од почетокот на април оваа година, Алкалоид реализираше донации и во Бугарија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

– Во услови кога сите економии се оставени сами на себе и се борат да ги ублажат ефектите од новата економска криза, кога загубите на работните места се неизбежен дел од таа сурова реалност, кога логистичките нарушувања ја добиваат битката за пласман на производите, ретки се компаниите кои можат да ги надминат овие предизвици и да помогнат во овие тешки времиња. Ние сме свесни за тешката состојба во која се наоѓаат здравствените системи во услови на пандемија и напорите кои ги вложуваат здравствените работници за зачувување на здравјето и човечките животи. Како компанија чие мото е „Се грижиме за здравјето“,  во оваа прилика сакаме да им оддадеме посебна почит на медицинските сестри, здравствените работници, хигиеничарите, на продавачите на пазарот и во супермаркетите, фармацевтите и техничарите во аптеките, транспортерите и на сите оние кои ги ризикуваат своите животи за нашето непречено функционирање”, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и Претседател на Управниот одбор на “Алкалоид”

Почетоците на Алкалоид во Србија датираат од 1950 година, а според српските фармацевти, лековите на Алкалоид никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар на лекови, што доволно зборува за традицијата на компанијата на овој пазар.

Србија е најголем извозен пазар на Алкалоид АД Скопје и единственото место надвор од Македонија каде компанијата има сопствено производство и веледрогерија, во кои работат 133 работници.

Производната програма на Алкалоид Доо Белград вклучува 62 регистрирани производи чиј годишен обем на производство надминува 6.000.000 пакувања, а вкупното портфолио на производи на Алкалоид кои се достапни на српскиот пазар надминува 200.

ОТЦ производи, кардиолошки препрарати,  лекови за централен нервен систем и антибиотски палети се носечки групи на фармацевтски производи кои ги пласира Алкалоид на српскиот пазар, а од козметичките производи, најпознатиот бренд „Becutan“.