ВДЛ Бус Македонија ја започнува третата фаза од својата инвестиција во земјава, вредна повеќе од 5 милиони евра, која предвидува производство на нов модел на автобус и отворање на 150 нови висококвалификувани работни места во рамките на ТИРЗ Скопје 2.
За реализацијата на новиот инвестициски циклус разговараа директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, и генералниот директор на ВДЛ Бус Македонија, Аврам Стојчевски на вчерашната средба на која биле разгледани тековните активности на компанијата, како и плановите за проширување на производството.
ВДЛ Бус Македонија, производител на автобуси со холандски капитал, е меѓу најголемите извозници од Македонија. Со реализацијата на новата инвестиција и воведувањето на производство на нов модел автобус се очекува дополнително зголемување на производните капацитети. Истовремено, инвестицијата позитивно ќе се одрази и врз вкупниот извоз, имајќи предвид дека најголемиот дел од производството на компанијата е наменето за странските пазари.
Компанијата во април годинава го промени своето име од ВДЛ Ван Хоол Македонија во ВДЛ Бус Македонија, како дел од пошироката корпоративна трансформација. Со ова започна нова развојна фаза, насочена кон проширување на производството и дополнително зацврстување на позицијата на компанијата во автобускиот и автомобилскиот сектор.
Според последното рангирање во специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, ВДЛ Македонија е 12-ти по големина извозник од Македонија со извоз вреден 116 милиони евра во 2024 година.



























