Американската компанија Wabtek, која е сопственик на компанијата Вабтек МЗТ, која произведува сопирачки за возови и е еден од најголемите извозници од Македонија, ќе инвестира дополнителни 35 милиони долари во поголемо производство во земјава. Ова вчера го објави премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Вашингтон по повод 75 годишнината на НАТО.
Според информациите кои ги содели премиерот Мицкоски, Вабтек ќе инвестира 35 милиои евра со кои ќе се отворат нови 100 работни места, но не се појаснува дали инвестицијата ќе биде во рамки на постојната фабрика во поранешен МЗТ во Скопје или станува збор за нова фабрика во некоја од зоните.
Според податоците од последната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, Вабтек е 35-ти најголем извозник од Македонија со извоз од 28,7 милиони евра и 346 вработени во 2022 година.
Според јавно достапните извештаи објавени на Македонската берза може да се види дека Вабтек МЗТ работи со големи загуби во последните три години во Македонија. Загубата во 2023 година изнесувала 3,3 милиони евра, во 2022 година загубата била околу 1,9 милиони евра, а во 2021 година Вабтек прикажал загува од околу 4,5 милиони евра, или вкупна загуба од 9,7 милиони евра во последните три години. Загубата продолжила и во првите три месеци од 2024 гоина, кога Вабтек МЗТ има пријавено загуба од 575 илјади евра.
На 5 јули Вабтек МЗТ на Македонската берза објави предлог за зголемување на основната главнина на компанијата за 2,5 милиони евра преку емисија на акции преку Берзата.
Од Одборот на директори на Вабтек МЗТ наведуваат дека доколку успее оваа докапитализација, тоа ќе донесе до оптимална капитализираност во наредниот период која ќе овозможи надминување на финансиски предизвици кои произлегуваат од отплата на долгови по основ на заеми.
Според информациите на ИзвозМК од Дирекцијата за ТИРЗ, американската Вабтек уште во јануари 2022 година доставила Писмо за намери до Дирекцијата за ТИРЗ за целосно нов капацитет во ТИРЗ Скопје 2, со планиран износ на инвестиции од над 30 милиони евра во нови технологии, како и креирање на дополнителни работни места, со што вкупниот број на вработени би надминал 400. Но, доделувањето на државната помош за инвестицијата на Вабтек од страна на Комисијата за заштита на конкуренција било условено со задржување на постојниот објект надвор од зоната за што се водело и судска постапка во 2023 година. Во јануари 2024 година Управниот суд го поништил решението на Комисијата со што се отворил патот за доделување на државна помош за новата инвестиција од страна на Вабтек.
Инаку, ВАБТЕК МЗТ започнува со производство на сопирачки и опрема за шински возила од 1953 година како дел од комплексот Металски завод Тито, од кој се одвојува во 1995 година. Во 2003 година друштото е преземно од Poli SRL од Италија, а од 2008 година е во сопственост од американската WABTEK, водечки светски производител на високотехнолошка опрема за локомотиви, товарни вагони и патнички шински возила.