Велика Британија во средата за прв пат продаде државна обврзница негативен принос, што значи дека владата ефикасно се наградува за позајмување, откако инвеститорите се согласија да им се исплатат помалку пари од оние кои и ги позајмија на државата.
Велика Британија на тој начин им се придружи на Јапонија, Германија и некои други европски земји во продажба на должнички обврзници со принос помал од 0%, што е одраз на веројатноста дека пандемијата на коронавирус ќе предизвика сериозна глобална рецесија и купување на обврзници од страна на централните банки за да го ублажат нејзиното влијание, пренесува Ројтерс.
На аукцијата во средата се понудени 3,75 милијарди фунти (4,6 милијарди долари) обврзници со рок на доспевање во јули 2023 година. Обврзниците беа продадени со просечен принос од -0,003%.
Иако инвеститорите ќе добијат годишна каматна стапка од 0,75%, тие платиле над номиналната вредност на обврзницата, така што вратената готовина ќе биде помалку отколку позајмената.

„Влијанието на намалувањето на каматните стапки на Банката на Англија и зголемените купувања на обврзнци е апсолутно јасна порака од оваа утринска револуционерна аукција“, рече Хју Гимбер, стратег за глобален пазар во JP Morgan Asset Management.

Банката на Англија ги намали каматните стапки на рекордно ниско ниво од 0,1% во март и започна со купување на 200 милијарди фунти oбврзници за да и помогне на економијата и да го намали скокот на приносите од почетокот на кризата со коронавирус.
На финансиските пазари исто така има големи шанси Банката на Англија да ја намали својата главна каматна стапка под нулата оваа година, иако економистите се скептични.

Негативните каматни стапки потенцијално ја доведуваат во
прашање солвентноста на некои банки, бидејќи негативните камати е тешко или невозможно да се применат на сметките за штедење на клиентите.