Асоцијацијата за е-трговија на Македонија воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на онлајн продавниците кои се регистрирани субјекти и ги исполнуваат основните правила и законски прописи од останатите онлајн продавници кои не се целосно усогласени или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.

Беџот за верификација е дел од иницијативата „Е-трговија за сите“, која е поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, има за цел да ги доближи до граѓаните онлајн продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи за работење во е-трговијата и да одигра едукативна улога за компаниите кои работат со е-трговија односно да ги мотивира постоечките е-трговци да ги имплементираат сите правила и прописи во своето работење.

Главна причина за започнување со оваа активност, како што велат од Асоцијацијата за е-трговија е потребата за зголемување на довербата во онлајн продавниците од една страна, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници.

 „Во време кога е-трговијата зема сѐ поголем замав, а луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн, важно е купувачите да можат да ги разликуваат онлајн продавниците кои ги исполнуваат основните правила и прописи, од оние кои се или неусогласени согласно регулативата или пак се дел од сивата економија. Потребно е купувачите да се свесни од каде купуваат или прават нарачки со цел да се заштитат и самите од било какви идни потешкотии (како враќање на производот доколку не се задоволни). Купувачите треба да знаат и дека кога купуваат од нерегистрирани субјекти (на. пример преку социјални медиуми) немаат заштита согласно Законот за заштита на потрошувачи“, велат од АЕТМ.

Беџот ќе биде визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници, која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано сите неопходни законски регулативи во работењето.

„Овој беџ не ги опфаќа сите е-трговци во нашата земја и истиот ќе биде поставен само кај е-трговците кои самостојно ќе аплицираат за ваков беџ за верификација, а во исто време ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата“, дополнуваат од Асоцијацијата.

Помеѓу условите кои еден е-трговец треба да ги исполнува се: да има објавено седиште и адреса, контакт податоци (е-маил адреса), даночен број – ако е-трговецот е ДДВ обврзник, да има поставена политика за враќање на производите, политика за заштита на лични податоци, да поседува ССЛ сертификат, да ги има јасно и транспарентно објавени цените на производите и услугите итн.

Сите заинтересирани е-трговци, ќе може да се информираат подетално и да аплицираат за беџ за верификација преку веб платформата ecommerce4all.mk на следниот линк.

Дополнително, листата со е-трговци од нашата земја кои се верифицирале ќе биде достапна и во вид на редовно ажуриран регистар, кој ќе биде јавно достапен и објавен на веб страницата ecommerce4all.mk.