Во првите три месеци од Македонија била извезена храна во вредност од 116 милиони евра, што е за 15 милиони евра повеќе или раст од 15% во споредба со истиот период лани.

Извезените количини на храна во првите три месеци се зголемени за само 3,3% во однос на истиот период лани, што значи дека поголемиот дел од растот на извозот се должи на повисоките цени.

Во истиот период, пак, од странство биле увезени прехранбени производи во вредност од 258 милиони евра, зголемување за 34 милиони евра или раст од 15,2% повеќе во споредба со истиот период лани.

Најголем дел од извозот на храна отпаѓа на извоз на свеж зеленчук и овошје и нивни преработки од што во првиот квартал се остварени приходи од 44 милиони евра, што е вренодно раст за 10%, но количински има намалување од 14,3%.

Извозот на зелка порасна за 30%, додека извозот на јаболка продолжува да паѓа

Во првите три месеци годинава од Македонија биле извезени 25 илјади тони зеленчук од што е остварен извозен приход од 17,6 милиони евра. Приходите од продажба на зеленчук на странските пазари во првите три месеци годинава се за 20% поголеми во споредба со истиот период минатата година. Извезените количини, пак, се зголемени за само 1%, што упатува на заклучок дека растот на извозот се должи главно на повисоките продажни цени.

Најголем дел или 66% од вкупниот извозен приход е направен од продажба на зелка во странство. Во периодот од јануари до март годинава извезени биле скоро 22 илјади тони зелка од што е остварен извозен приход од 11,6 милиони евра, што е за 33% повеќе во споредба со истиот период лани.

Извозот, пак, на овошје, продолжува да паѓа, главно заради континуираниот пад на продажбите на јаболка во странство.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите три месеци годинава од Македонија биле извезени во странство околу 13 илјади тони овошје од што е остварен приход од 4,6 милиони евра. Во споредба со истиот период лани, остварените извозни приходи се намалени 16%, додека продадените количини во странство бележат пад од 37,8%.

Најголем дел од приходите од вкупниот извоз на овошје или дури 74% се остварени од продажбата на јаболка. Но, извозот на јаболка бележи постојан пад, не успевајќи да најде замена за затворениот руски пазар. Имено, во првите три месеци годинава од земјава биле извезени околу 12 илјади тони јаболка и остварен е извозен приход од само 3,4 милиони евра.
Остварениот приход од извозот на јаболка во првите три месеци годинава е помал за 20%, додека извезените количини се помали за 39% во споредба со истиот период лани.

Втора најголема ставка во извозот на храна после овошјето и зелечнчукот е извозот на жита и преработки од жита, каде влегуваат и кондиторските производи, од чија продажба во странство биле остварени 30 милиони евра, за 13,8% повеќе во споредба со првите три месеци од лланската година.

Следи извозот на месо и преработки од месо кој во првите три месеци годинава изнесувал 12,5 милиони евра, раст од 27,5% во однос на истиот период лани.