Годишната стапка на инфлација во еврозоната падна во август на најниско ниво во последните три години, а паралелно стапката на невработеност достигна најниско ниво во историјата.
Овие два индикатори претставуваат нови аргументи за Европската централна банка повторно да ги намали , каматните стапки во септември.
Според прелиминарната проценка објавена од Евростат, годишната стапка на инфлација во еврозоната падна на 2,2% во август 2024 година, од нивото од 2,6% во јули. Според последните бројки, инфлацијата во еврозоната се приближува до целта од 2% што ја постави како таргет ЕЦБ.
Податоците на Евростат покажуваат дека базичната инфлација, која останува по отстранувањето на цените на нестабилните стоки, како што се енергијата и храната, исто така падна на 2,8% во август, од 2,9% во јули.
Базичната инфлација е индикаторот кој внимателно го следи ЕЦБ при елаборирањето на одлуките за монетарната политика.
Забавувањето на инфлацијата во еврозоната главно се објаснува со фактот што цените на енергијата паднаа за 3% во август, по растот од 1,2% во јули.
Спротивно на тоа, цените на услугите се зголемија за 4,2%, по растот од 4 % во јули.
Невработеноста на најниско ниво од 1998 година
Исто така Евростат денеска објави серија податоци кои покажуваат дека стапката на невработеност во еврозоната благо паднала во јули на 6,4%, од нивото од 6,5% забележано во април, мај и јуни.
И покрај контекстот на слаб економски раст, стапката на невработеност е на најниско ниво забележано од почетокот на објавувањето на статистичките податоци од страна на Евростат во април 1998 година.
Слична е ситуацијата и во Европската унија, каде стапката на невработеност остана стабилна на 6%, најниско ниво во историјата. Невработеноста во Европа опаѓа од средината на 2021 година, благодарение на солидното економско закрепнување по Ковид, што следеше по историската рецесија.
И покрај стагнацијата на економската активност во еврозоната почнувајќи од крајот на 2022 година поради последиците од војната во Украина и растот на инфлацијата, стапката на невработеност продолжи да паѓа за да се стабилизира од пролетта 2023 година на невидено ниво во последните 25 години .
Во апсолутни бројки, 13,11 милиони луѓе во ЕУ биле невработени во јули, од кои 10,99 милиони во земјите од еврозоната.
Меѓу земјите-членки, најниски стапки на невработеност се забележани во Чешка (2,7%) и Полска (2,9%). Највисоки стапки на невработеност се забележани во Шпанија (11,5%) и Грција (9,9%).
Падот на инфлацијата и невработеноста им даваат нови причини на функционерите на ЕЦБ да усвојат ново намалување на стапките во септември.
Повеќето набљудувачи очекуваат чуварите на еврото да ги намалат трошоците за кредити на нивниот следен состанок, кој е закажан за 12 септември.
Дебатите се фокусирани на уште едно можно намалување во октомври, со оглед на умереноста на ценовните притисоци, пригушеното темпо на економски раст и состојбата на пазарот на трудот.