Компанијата Либерти со извоз од 39,6 милиони евра во првата половина годинава, 10% пад во споредба со лани

Металургиската компанија Либерти, или поранешен Арелор Митал ЦРМ, објави дека во првите во првата половина годинава остварила приходи од продажба од 48 милиони евра, кои се за 12% помали во споредба со истиот период лани. Околу 82% од вкупните приходи на Либерти се остварени од извоз, кој во овој период достигнал 39,6 милиони евра и е за 10% помал во споредба со лани, покажува финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонската берза.

Компанијата објави дека во првите шест месеци остварила загуба од околу 991 илјада евра, што е големо намалување во споредба со загубата од 3,8 милиони евра од истиот период минатата година.

Либерти или поранешниот Арчелор Митал (ЦРМ) е меѓу 10-те најголеми извозни компании во земјата.
Од компанијата информираат дека пандемијата со Ковид 19 ги намалила нарачките и производството особено во вториот квартал годинава.

“и покрај тешката конкуренција и неповолната пазарна цена на глобално ниво на челикот која придонесе за пад на приходите, врз намалувањето на продажбите имше влијание и глобалната пандемија од COVID 19 која ги затвори границите и движењето беше многу отежнато, многу нарачки откажан иили одложени посебно на почетокот на вториот квартал”, информираат од Либерти, од каде потенцираат дека прв приоритет во овој период е безбедност и здравје на вработените како и животната средина. Во Либерти Скопје се обидуваме да произведуваме сè додека клиентите можат да ги добиваат нашите производи, да се надеваме дека намалувањето ќе заврши наскоро. Во март испораките до нашите клиенти сѐ уште беа на 80%, но во последните 2 седмици забележавме намалување. Ова беше индикатор кој не принуди да го забавиме процесот за да го усогласиме производството со испораката”, велат од Либерти, од каде информираат дека во април имале пад на испораките од 32% во однос на просечните испораки од минатата година и околу 34% намалено производство споредено со март 2020, но дека во мај и јуни полека се нормализираат производството и испораките.
Но, сепак, од Либерти велат дека пазарот е нарушен и очигледно ќе треба време да се опорави.

“Приоритет на компанијата е да продолжи да расте и на други пазари и да продолжи да развива нови продукти на барање на нашите потрошувачи со цел да ги задоволи нивните потреби и барања. Компанијата ќе продолжи да се залага во унапредување на стратегијата за намалување на внатрешните трошоци за да биде конкурентна на пазарот”, објаснуваат од компанијата.

Компанијата Либерти или поранешен Арчелор Митал, од септември минатата година стана дел од британската ГФГ Алијанска, која минатата година изврши преземање на 5 индустриски капацитети од Арчелор Митал во Европа, со вкупна вредност од 740 милиони долари.
Со тоа практично ГФГ Алијансата стана еден од 10-те најголеми производители на метални производи во светот со вкупно производство од над 18 милиони тони на годишно ниво.

Liberty House Group (Либерти Хаус Груп) е меѓународна групација со седиште во Велика Британија, специјализирана за производство на челик и алуминиум, како и за важни трговски операции со суровини и рециклирање на метал. Либерти Хаус има свои капацитети не само во Велика Британија туку и во САД и Австралија како и во многу други земји.