Македонските кондиторски компании во првите четири месеци годинава извезле производи вредни 31,3 милиони евра во странство, што е за 28% повеќе во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Речиси ист раст има и кај извезените количини. Статистиката покажува дека во периодот од јануари до април на странските пазари  биле продадени 11.600 тони кондиторски производи, што е раст од 27%.

Македонските кондиторски производи се продавале на 56 пазари во регионот и светот. Само на девет пазари е остварен извоз поголем од 1 милион евра.
Најголем извозен пазар во првите четири месеци од 2024 година бил Косово каде се продадени производи вредни 5,3 милиони евра. Втор најголем извозен пазар е Романија со продадени производи вредни 3,2 милиони евра. Следат Хрватска со извоз од 3 милиони евра, Србија (2,9 милиони евра), БиХ (1,7 милиони евра), Германија (1,6 милиони евра), Бугарија (1,4 милиони евра), Италија (1,3 милиони евра) и Чешка Република (1 милион евра).


Извозот на кондиторски производи бележи континуиран раст во последните десетина години. Во оваа индустрија работат главно компании со домашен капитал кој во изминатиот период силно вложуваат во производни капацитети и брендови кои стануваат се попрепознатливи во регионот и пошироко.

Во текот на изминатата 2023 година од земјава биле извезени кондиторски производи во вредност од 83,9 милиони евра. Во споредба со пред десет години извозот на кондиторски е поголем за 80%.

Кондиторската индустрија е една од ретките нето извозни индустрии. Односно Македонија повеќе извезува отколку што увезува кондиторски производи од странство. Статистичките податоци покажуваат дека во првите четири месеци годинава сме увезле кондиторски производи од странство во вредност од 22,7 милиони евра. Тоа значи дека во трговијата со кондиторски производи со светот сме имале нето извозен ефект од 9 милиони евра.

Најголем извозник на кондиторски производи од Макаедонија со години наназад е компанијата Макпргрес од Виница која во последната едиција Топ 100 Извозници е рангирана како 43 најголем македонски извозник со извоз од 21 милион евра во 2022 година. Межу најголемите извозници од македонската кондиторска индустрија се и Витаминка, Виталиа, Свисслион, Европа, Никс и др.