PharmaCann Полска неодамна стана првата компанија што доби сертификација за добра производна пракса во ЕУ (EU-GMP) за производство на екстракти од медицински канабис во нејзиниот објект во Северна Македонија, објавува порталот Marijuana Business Daily.
Тоа ја носи компанијата со седиште во Варшава – заедно со нејзините производствени капацитети во Северна Македонија – на чекор до можноста да ги понуди своите медицински екстракти од канабис во Германија и другите земји на Европската унија.
Откако ќе бидат достапни, македонските производи, исто како и колумбиските, се очекува да создадат притисок во цените поради пониските трошоци за производство.
Иако извозот на цвет од канабис не е дозволен во Северна Македонија, не е потребен нов закон за извоз на екстракти.

Сертификатите за GMP беа издадени во март од страна на Главниот фармацевтски инспекторат на Полска, националниот орган одговорен за надзор над производството и продажбата на лекови.
Полските власти извршија увид во македонската подружница на PharmaCann, позната како NYSK, во декември 2019 година.

Златко Кесковски, извршен директор на PharmaCann и NYSK во изјава за Marijuana Business Daily вели дека овластениот објект е во затворени простории каде што компанијата одгледува и произведува екстракти.
„Кога ќе слушнам за цените на екстрактите од медицински канабис во Германија и другите европски земји, не ми се верува колку се скапи. Очекуваме нашите трошоци за производство да ни овозможат да бидеме многу конкурентни на пазарите во ЕУ “, рече Кесковски во телефонското интервју за MBD.
На прашањето на порталот MBD, кога очекува да започне продажбата во Германија, Кесковски рече дека првите македонски производи треба да им бидат достапни на пациентите следниот месец.

Извршниот директор Кесковски исто така објасни дека компанијата ќе продава на големо директно во аптеки користејќи сопствена дистрибуција во Германија.

„Германските власти ја прифатија GMP сертификацијата од Полскиот главен фармацевтски инспекторат“, потврдува Кесковски.
Тој очекува да започне со продажба на првите масла на полскиот пазар до ноември годинава, каде што само неколку сорти на цвет од канабис се регистрирани од канадските производители Aurora Cannabis и Canopy Growth.

Македонската компанија, според Кесковски, веќе испратила мали количини на производ во Австралија, Бразил, Хрватска, Словенија, Јужна Африка и Велика Британија.

Извршниот директор Кесковси рече дека овие продажби се екстракти со бела ознака или дестилати со голема концентрација за другите компании да ги разредуваат и да создаваат свои брендирани производи.

Засега, македонските производители на канабис не можат да извезуваат цвет од канабис, но тоа може да се промени наскоро.

PharmaCann се подготвува за тоа кога тоа ќе се случи, па компанијата финализира проект со поголем објект на друга локација во Северна Македонија.
Кесковски очекува да започне да започне одгледувањето на канабис на новата локација пред крајот на септември.
Во Северна Македонија се издадени десетици лиценци за производство на канабис, но сепак многу не се целосно оперативни. Повеќето сакаат да профитираат од можноста за извоз на цвет.

Стив Малој, извршен директор на Pharmarolly, компанија со седиште во Холандија со оперативна подружница во Северна Македонија, очекува извозот на цвет од канабис наскоро да биде одобрен.
„Трпеливо чекавме на законот за извоз на цвет и очекуваме тој да помине во следните месец или два“, изјави Малој за Marijuana Business Daily.