Макпрогрес со инвестиција во време на криза: Нова линија за производство на житни барови

Најголемиот извозник од прехранбената индустрија, Макпрогрес од Виница информира за нова инвестиција и проширување на продуктното портфолио со линија за производство на барови.

Технологијата е развиена од тимот на технолози на Макпрогрес, а за новата производна линија се реализирани нови 15 вработени, и уште 30 ќе бидат вработени во наредниот период.

“Во време кога сите сме соочени со големи предизвици, здраствени и економски, одлуката да се опстои на плановите и визиите за нас во Макпрогрес беше појака од сè. После долг период на напорна работа и истражување, нашиот тим на технолози ја разви новата линија за производство на барови. Овој факт дека станува збор за сопствена технологија не прави посебно горди, горди на нашите луѓе и нивната посветеност и стручност. Со оваа линија за производство на барови ја надополнуваме палетата на производи, со ова ги зголемуваме можностите за развој на производи и задоволување на потребите на сегменти во кои досега не сме биле присутни. За потребите на новата линија за производство на барови се вработени 15 нови работници, а планирани се уште 30 во наредниот период”, велат од Макпрогрес.

Новиот производ Баланс житните барови се високо квалитетен производ произведен од внимателно селектирани суровини како интегрален овес, ориз и пченка, интегрални колачиња кои се произведуваат од интегрално брашно и интегрален овес, како и додатоци на крем, чоколадо и сушено овошје. Во моментот на пазарот лансираме три вкуса и тоа бел крем, чоколадо и сушено црвено овошје, а се со цел да ги задоволиме потребите и барањата дури и на најпребирливите потрошувачи. Еден бар има само 89 калории, доволен за целосна ужинка. Баровите се нудат во две варијанти во поединечно пакување од 23 грама, како и комбо пакување од 5 барови по 23 грама.