Компанијата Макстил информираше дека во првите шест месеци остварила приходи од продажба од 35,6 милиони евра, што е пад од 15% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од финансиските извештаи на компанијата објавени на Македонската берза.
Над 78% од приходите Макстил ги остварил од продажба на странски пазари, кои во првата половина годинава се намалени за 21% и изнесувале 28 милиони евра. Приходите од продажба на домашниот пазар се зголемени за 16% и изнесувале 7,7 милиони евра.
Од извештаите може да се види дека производителот на топловалани лимови Макстил во првите шест месеци годинава работел со оперативна добивка од 1,1 милион евра, што е за 102% повисока од истиот период лани.
Нето добивката на компанијата во истиот период изнесува околу 670 илјади евра, која е неколкукратно подобра во споредба со добивката од околу 20 илјади евра во истиот период лани.
Од Макстил велат дека првото полугодие од годинава, особено вториот квартал компанијата била соочена со бројни предизвици како резултат на пандемијата на корона вирусот.

“Успорувањето на светската економска активност, а особено прекинот на инвестициските проекти од страна на нашите деловни партнери на западноевропсите пазари и на турскиот пазар допринесе за драстичен пад на побарувачката на нашите производи што внесе голема доза на неизвесност во нашето секојдневно функционирање. Целокупната организација на работењето беше променета поради воведувањето на мерките за карантин, а тоа неминовно предизвика дополнително зголемување на трошоците. Во текот на овој период нашиот главен фокус беше грижата за здравјето и безбедноста на нашите вработени како и исполнувањето на сите договорни обврски”, велат од Макстил.

Од компанијата информираат дека оствареното производство на дебели лимови во првото полугодие на 2020 во производниот погон Валавница изнесува 115.465т. што споредено со 138.363т. во истиот период на 2019 претставува намалување од 16,5%, додека во однос на поставениот производен план за првото полугодие од годинава (136.122т.) претставува намалување од 15,2%. Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 73.646т. што споредено со 133.433т во 2019 претставува намалување од 44,8%, додека во однос на планираното производство за годината (126.200т.) претставува намалување од 41,6%.
Реализацијата  на топловаланите дебели лимови во количински показатели за првите шест месеци од годинава изнесува 122.747т., што споредено со 144.674т. првото полугодие од 2019 претставува намалување од 15,2%.
Во првите шест месеци од работењето Макстил работел со расходи од 1,99 милијарди денарикои се пониски за 16%, што воглавно се должи на намалениот обем на производство во текот на овој период.
Ефектите од кризата се чувствуваат и во третиот квартал
Од Макстил велат дека глобалната криза врзана со појавата на пандемијата компанијата ја чувствува во тековното работење и во третиот квартал од годинава.

“Нашите очекувања за четвртиот квартал се умерено оптимистички и се во директна зависност од развојот и движењата во големите европски економии како што се Германија и Италија меѓу другите. Имено, согласно планот, производниот погон Челичарница во третиот квартал работи со намален капацитет, а ова ниво на работа се очекува да се задржи и во текот на четвртиот квартал. Во делот на Челичарница компанијата има и поголема флексибилност, благодарение на претходно извршената набавка на слабови од увоз. Работата на производниот погон Валавница воглавно е условена од нарачките на купувачите, каде нашите очекувања се изразуваат со умерен оптимизам,  заради постепеното опоравување на светската економија, а особено поради реактивирањето на инвестициските проекти и зголемената јавна потрошувачка на пазарите каде што Макстил ги пласира своите готови производи”, велат од Макстил.

Од компанијата потенцираат дека и покрај сите потешкотии и предизвици со кои се соочуваат успеале да ги задржат сите вработени и во првата половина на 2020 година се забележува благ тренд на зголемување на платите. “Задржувањето на сите вработени и грижата за нивното здравје и безбедност и во наредниот период останува еден од главните императиви на раководството”, велат од Макстил.
Макстил е една од најголемите 100 Извозници, која минатата година ја заврши со извоз од околу 70 милиони евра.