Претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева изјави дека е потребно многу внимателно да се повлече политичката поддршка што се обезбедува во борбата против пандемијата на коронавирус и дека светот треба да биде подготвен за зголемувањето на каматните стапки.
Георгиева зборувајќи преку видеоконференција за состојбата на глобалната економија на конференцијата организирана од European University Institute посочи дека глобалната економија започна да се подобрува во април. Економиите на Соединетите Американски Држави (САД) и Кина се „два мотора кои работат напорно“, изјави Георгиева.
Таа очекува Европската унија (ЕУ) да ги стигне овие две економии веќе во летните месеци, благодарение на вакцинацијата, истакнувајќи дека верува дека заздравувањето ќе се забрза.
Потсетувајќи дека глобалната економија се очекува да порасне за 6% оваа година и за 4,4% следната година, Георгиева посочи дека нерамномерното закрепнување меѓу земјите останува сериозен проблем.
Таа исто така истакна дека е неизбежно да се повлече политичката поддршка дадена во борбата против пандемијата, додавајќи дека е многу важно тоа да се спроведе многу внимателно.
„Треба да се подготвиме за зголемувањето на каматните стапки. Особено е важно да се следат каматните стапки во САД бидејќи таму има значително движење “, рече Георгиева.
Како што изјави таа, земјите кои сè уште не бележат раст и имаат акумулирано долг, би можеле да се најдат во многу тешка ситуација во потенцијално опкружување на зголемувањето на каматните стапки.
Коментирајќи ги дискусиите за укинување на правата на интелектуална сопственост за вакцините против COVID-19, Георгиева посочи дека постојат силни економски аргументи за отстранување на пречките за производство и дистрибуција на вакцини, но дека укинувањето на правата на интелектуална сопственост треба да биде придружено со други мерки.