Турската автомобилска компанија Ford Otosan, заедничко вложување на Коч Холдинг, најголемиот турски конгломерат и американскиот автомобилски гигант Ford, денеска објави дека ќе инвестира 2 милијарди евра (скоро 2,4 милијарди долари) во производство на нова генерација комерцијални возила и батерии во фабриката во Турција.

Инвестицијата ќе ја направи фабриката на производителот на автомобили во индустриската провинција Кочаели, прва и единствена локација за интегрирано производство на електрични возила и батерии, изјави претседателот на Управниот одбор Али Коч, потенцирајќи дека тоа е најголемата инвестиција некогаш направена во турската автомобилска индустрија, објавува турскиот портал Daily Sabah.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја поздрави инвестицијата, велејќи дека тоа ќе им овозможи на турските инженери сериозни капацитети на полето на производство на електрични возила и батерии.

„Турција ќе биде најголемиот центар за производство на електрични комерцијални возила во иднина во автомобилската индустрија“, изјави Ердоган.
Откако ќе заврши, инвестицијата ќе го подигне годишниот капацитет за производство на Ford Otosan од 440.000 на 650.000 возила.

На средбата исто така беше најавено дека производителот на автомобили ќе произведува еднотонски комерцијални возила за Volkswagen, како дел од алијансата меѓу Ford и германскиот производител на автомобили.

Ford Otosan ќе ја отвори својата фабрика за составување батерии за електрични возила во 2022 година. Се очекува да произведува 210.000 комерцијални возила од новата генерација и 130.000 батерии годишно.

Објектот Коџаели, кој се наоѓа во областа Галчук, е најголемиот центар за производство на комерцијални возила на Ford во Европа.
Инвестицијата во производствo на електрични возила ќе биде втора од ваков вид во Турција, по инвестицијата на Групацијата TOGG, конзорциум од пет турски компании во производство на првиот туски електричен автомобил, кој се очекува да почне со масовно производство во 2022 година, проект кој беше поддржан од турските власти со стимулации, ослободување од царина, ДДЦ и различни други даночни поволности.

Ford Otosan е најголем извозник од Турција со годишен извоз од околу 6 милијарди долари и удел од 25% во вкупното производство и извоз на автомобилскиот сектор.
Останувајќи на врвот како водечки извозен сектор во Турција, извозот на автомобилската индустрија надмина 25 милијарди долари и покрај пандемијата.
Турција минатата година извезла повеќе од 900.000 возила во 180 земји на пет континенти.