Тесните грла за снабдување со чипови ќе влијаат на производството во некои од погоните на Фолксваген во февруари, соопшти во средата производителот на автомобили.
Глобалните производители на автомобили ги прилагодуваат склопните линии заради недостиг на полупроводници, кои станаа и политичко прашање откако германскиот министер за економија Питер Алтмаер му пиша на својот тајвански колега да побара помош во решавањето на истиот.
Фолксваген соопшти дека поднел барање за намалено работно време за своите фабрики во Касел и Брансвик во февруари како мерка на претпазливост. Производството во „Емден“ нема да биде засегнато, се вели во соопштението од компанијата.
„Тоа значи дека, во зависност од состојбата во снабдувањето, може да има прилагодувања во производството на возила и компоненти во текот на следните недели“, информираат од Фолксваген.
Министерот за економија на Тајван претходно изјави дека најголемите производители на чипови на островот се подготвени да им дадат приоритет на набавките на производителите на автомобили.
Производителите на автомобили на почетокот на минатата година ги откажаа нарачките за производителите на чипови во очекување на нагло опаѓање на продажбата, што ги воведе во проблеми во снабдувањето по зголемената побарувачка на потрошувачка електроника.
„Кога производителите на автомобили и нивните добавувачи сфатија дека им треба повеќе од предвиденото, беше предоцна, производството беше продадено на друго место“, вели консултантот на McKinsey, Ондреј Буркаки.
Фолксваген, најголемиот светски производител на автомобили, за време на викендот изјави дека разговара со своите главни добавувачи за можни побарувања за штета поради недостигот, што ги погоди и ривалите Форд, Тојота и Нисан.
Дајмлер во средата ја отфрли идејата дека производителите на автомобили се одговорни за тесното грло, со што се зголеми притисокот врз добавувачите на автомобили.
„Веќе во средината на 2020 година, забележавме јасно закрепнување во Мерцедес-Бенц, што веднаш го средивме во распоредот за испорака“, рече производителот на автомобили, додавајќи дека целата нарачка за опрема е навреме направена.
Дајмлер рече дека поднел барање за скратена работа за своите локации во Бремен и Растат, додека производството во неговата фабрика во Кецкемет во Унгарија ќе биде запрено од 20 до 30 јануари поради недостигот на чипови.