Романската Grampet заинтересирана за влез во македонскиот железнички транспорт

Романската железничка групација Grampet, контролирана од локалниот инвеститор Gruia Stoica, ја анализира опцијата за влез на македонскиот пазар и уште во шест други европски земји, објавува романскиот портал Romania Insider.

„Ние сме присутни во десет европски земји и сите наши меѓународни подружници се профитабилни и носат приходи во Романија. Во моментов го анализираме влезот на седум други пазари, меѓу кои Македонија, Црна Гора, Словенија, Словачка, Чешка, Белгија и Холандија“, изјавуваат од Grampet.

Grampet, која е присутна во Унгарија, Бугарија, Молдавија, Хрватска, Србија, Австрија, Германија и Грција, има годишен промет од 344 милиони евра во 2018 година.

На крајот на 2018 година Grampet почна да работи на српскиот пазар преку нивната локална подружница Eurorail Logistics, кратко откако Србија го либерализираше железничкиот товарен транспорт.

Но, интересот за влез во Македонија би можел да се оствари само ско се направи либерализација во железничкиот транспорт, каде и покрај насоките од ЕУ, се уште  монопол има Македонски Железници Транспорт.

Владата уште во 2017 година најави дека владата размислува за либерализација на железничкиот транспорт.
Консултантска куќа во моментов изработува студија за преструктурирање на Железници на РСМ – Транспорт, која што маскоро треба да ги достави до владата моделите за преструктуирање на единствениот транспортен оператор во земјава.

Македонија, Албанија и Косово се единствените земји во регионот кои го немаат либерализирано железничкиот транспорт.