По три последователни месеци на пад, македонскиот извоз на странските пазари во парил бележи раст од 7% во споредба со извозот во април минатата година. Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, македонските компании продале производи вредни 709 милиони евра. Увозот, пак, во април надмина 1 милијарда евра во април и е поголем за 18,7% во споредба со истиот месец лани.

Во јануари 2024 година статистиката измери пад на извозот од 11,4%, во февруари падот изнесуваше 8,6%, додека во март имало пад од 8,1%, односно првиот квартал годинава заврши со пад на извозот од 9,2%.

Со тоа покриеноста на увозот со извоз во март изнесуваше 69,7%, додека трговскиот дефицит во април годинава надмина 308 милиони евра и е за 59% поголем од трговскиот дефицит во април 2023 година.

Во првите четири месеци, пак, покриеноста на увозот со извозoт изнесува 70,3%, при што трговскиот дефицит надмина 1 милијарди евра и е за 35% поголем во споредба со првите четири месеци од 2023 година.

Анализата на извозот по производи покажува дека најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Извозот на храна во првите четири месеци годинава изнесувал 172 милиони евра, раст од 17% во споредба со извозот во истиот период од 2023 година.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.

Германија традиционално е најголем извозен пазар, каде во првите четири месеци годинава се извезени производи во вредност од 1,1 милијарда евра (43% од вкупниот извоз), што е намалување од 11,5% во однос на истиот период минатата година.

Србија била втор најголем пазар за македонските извозници со извоз од 136 милиони евра, зголемување од 4,2% во споредба со истиот период лани.

 Трета е Бугарија каде во првите четири месец се извезле производи вредни 132 милиони евра, речиси иста вредност како и лани.