Најголемата македонска винарница Тиквеш објави дека во изминатата 2023 година оствари раст на продажбите, како на домашен, така и на странските пазари и поголема профитабилноста во работењето.

Податоците од објaвениот неревидиран финансиски извештај за работењето покажуваат дека Тиквеш во минатата 2023 остварил приходи од продажба од 50,8 милиони евра, што е зголемување за 16% во однос на приходите од продажба во 2022 година.

Повеќе од половина или 54% од вкупните приходи од продажба лани винарницата Тиквеш ги остварила од извоз, односно родажба на странски пазари, додека останатите 46% се приходи од продажби остварени на домашниот пазар.

Тиквеш, кој е најголем извозник на вино од Македонија, лани од продажба на странски пазари остварил приходи од продажба од 27,6 милиони евра, што е раст од 14% во споредба со 2022 година.
 
Продажбите на вино, пак, на домашниот пазар во 2023 година изнесуваат 23,2 милиони евра и се за 18% поголеми во споредба со продажбите во 2022 година.

И покрај растот на трошоците во работењето, Тиквеш изминатата 2023 година ја заврши со нето добивка по оданочување од 4.47 милиони евра и таа е за високи 43% поголема од нето добивката остварена во 2022 година.

Од Тиквеш информираат дека не се исплатени дивиденди на акционерите, туку дека целокупната добивка ќе се реинвестира. Во 2023 година компанијата вложила 7,3 милиони евра во материјални и нематеријални средства.

Податоците покажуваат дека винарницата Тиквеш има силен раст на продажбите, извозот и профитабилноста во изминатите пет години. Приходите од продажба во 2023 година се поголеми за 78% во споредба со приходите од продажба во 2019 година. Извозот е зголемен за 132% во споредба со извозот од 2019 година кој изнесувал 11,9 милиони евра. Профитабилноста, пак, лани била поголема 170% во споредба со нето профитот од 2,7 милиони евра остварен во 2019 година.