Најголемата македонска винарница Тиквеш зад себe има уште една успешна деловна година. Податоците од објaвениот неревидиран финансиски извештај за работењето покажуваат дека Тиквеш минатата 2022 година успеал да ги зголеми продажбите на домашнот пазар, но далeку повеќе продажбите на странските пазари, како и да оствари подобар финансиски резултат и покрај бројните економски предизвици.
Од компанијата објавуваат дека во текот на изминатата 2022 година се реализирани приходи во износ од 2.691,9 милиони денари или 43,7 милиони евра, што е зголемување од високи 39% во однос на 2021 година.
Повеќе од половина или 55% од вкупните приходи од продажба лани винарницата Тиквеш ги остварила од извоз, додека останатите 45% се приходи од продажби на македонскиот пазар.
Растот на приходите пред се се должи на зголемените приходи остварени на странските пазари кои лани достигнаа 24,1 милион евра и се поголеми за 64% од извозните приходи во 2021 година.
Продажбите на вино, пак, на домашниот пазар во 2022 година изнесуваат 19,6 милиони евра и се за 16% поголеми во споредба со продажбите во 2021 година.
И покрај растот на трошоците во работењето, Тиквеш објави дека нето добивката за 2022 година изнесува 184 милиони денари или близу 3 милиони евра и таа е за речиси една третина, или за 27% поголема од нето добивката остварена во 2021 година.
Од Тиквеш информираат дека во 2022 година се остварени вложувања во материјални и нематеријални средства од 157,2 милиони или околу 2,6 милиони евра.