Домашната металопреработувачка компанија “Факом” во првите девет месеци годинава работела со вкупни приходи од продажба од 10,8 милиони евра, што е пад од 27% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од извештајот на компанијата објавен на Македонската берза.

Околу 64% од вкупните приходи од продажба “Факом” остварени во првите девет месеци годинава се од продажба на странските пазари, кои достигнаа 6,9 милиони евра. Извозот на “Факом” во првите девет месеци годинава бележи пад од 29% во споредба со истиот период претходната година.

Продажбата на домашниот пазар во истиот период исто така бележи пад од
23%, од што компанијата заработила 3,95 милиони евра.

“Факом” е домашна компанија за производство на челични конструкции и опрема, која на листата Топ 100 Извозници за 2020 година е рангирана како 40-ти најголем извозник од Македонија, со извоз од 12,86 милиони евра.

Оперативните расходи на компанијата во првите девет месеци годинава се намалени за 26%, главно поради намалените трошоци за суровини и материјали.
Факом бележи зголемување на профитабилноста во првите девет месеци од 2021 година. Компанијата објави дека во овој период работела со оперативна добивка од околу 328 илјади евра, која е за 58% поголема во споредба со првите девет месеци од 2020 година.

Од “Факом” велат дека појавата и ширењето на вирусот Covid-19 им создало сериозни проблеми во работењето, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Но, потенцираат дека основна определба на компанијата и понатаму ќе биде извозната орентација и подобрувањето на квалитетот на производи, рехабилитација на постоечките капацитети, подобрување на работните услови и инвестиции во нова опрема и посовремена технологија