Американската компанија за производство на чипови Intel објави дека ќе инвестира 33 милијарди евра во производство на чипови и полупроводници во Европа. Одлуката се однесува изградба на 17 милијарди евра вредна најсовремена фабрика за полупроводници во Магдебург, Германија, плус истражувачки центар во Франција, нов капацитет за пакување, веројатно во Италија и зголемување на капацитетот во постојната фабрика во Ирска.
Во следните 10 години Intel планира да инвестира вкупно 80 милијарди евра во повеќе фабрики во Европа, но се уште не се знае јавно колку од тие инвестиции ќе бидат поддржани во форма на државни субвенции.
Ова е само почеток на реализацијата на амбициозниот обид на Европа да ги привлече светските производители на чипови назад во регионот со цел да ја намали зависноста од производството на чипови од азиските компании.
Фокусот на Intel кон Европа доаѓа во време кога Европската унија спроведува значителни субвенции, сакајќи да врати дел од својот удел на пазарот на чипови по колапсот во последните децении. Во текот на 1990-тите, ЕУ сочинуваше скоро 20% од светското производство на силиконски чипови, а сега тој удел е намален на околу 10%.
ЕУ постави амбициозна цел на нејзина територија да се произведува 20% од светската понуда на чипови до 2030 година, односно четирикратно да го зголеми домашното производство на чипови кои се употребуваат во многу индустрии, почнувајќи од телефони до автомобили.
ЕУ минатиот месец ги објави плановите за обезбедување на јавни финансии за производство на чипови кои се сметаат за „први од ваков вид“ во Европа во износ од 45 милијарди евра.
Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, рече дека ја поздравува најавата на Интел, нарекувајќи ја „вистински европски проект“ кој отвора илјадници работни места и „потврдува дека Европа е атрактивно место за инвестирање“.
„Европа ќе биде клучен играч на целиот синџир на вредност на чиповите, вклучително и на брзиот пазар на најсовремени технологии под 2nm чипови произведени во Европа“, рече Бретон во изјавата.
Изградбата на фабриката во Германија ќе започне во првата половина на следната 2023 година, а производството ќе стартува во 2027 година. Фабриката на Интел во Германија кој ќе служи како регионален центар, ќе создаде 3.000 постојани високи технолошки работни места заедно со 7.000 градежни работни места, а главен купувач на овие чипови се планира да биде германската автомобилска индустрија.
Интел е дел од низата играчи во индустријата за производство на чипови кои планираат зголемување на производството за што побараа и дрѓавна поддршка со цел да се намалат ризиците од преголемата зависност за овие клучни производи од Азија, каде се произведуваат околу 80% од вкупната понуда на чипови.
Извор: Bloomberg