Проф. д-р Кочо Анѓушев и претседател на Македонската енергетска асоцијација денеска ги презентираше барањата на асоцијацијата пред министерот за економија, Кресник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски кои што треба да помогнат во справувањето со високите цени на електричната енергија и начините на обезбедување на доволно количини на енергија за домаќинствата и индустријата особено во текот на претстојната зима.

Како што појасни Анѓушев, Асоцијацијата има четири групи на барања кои смета дека треба итно да се имплементираат. Првата е електричната енергија произведена од повластените производители на енергија односно т.н. зелена енергија повторно да биде наменета само за потребите на индустриските капацитети, кои набавуваат струја на слободниот пазар како што беше предвидено и со Уредбата за кризна состојба во енергетскиот сектор донесена од Владата минатата година, а која што неодамна веќе не е на сила.

Наше барање е таа повторно да се врати само за индустријата така што македонската индустрија која што се снабдува со електрична енергија на слободниот пазар би добила седум до осум проценти од потрошувачката на електрична енергија на годишно ниво по поприфатливи и добри цени“, вели претседателот на МЕА, Анѓушев.

Втората иницијатива на МЕА е Владата на состаноци со властите во Србија и Бугарија да обезбеди крос-бордер капацитетите со соседните држави за увоз на електрична енергија со Србија и Бугарија да останат отворени во текот на зимските месеци.

Да не се затворат границите односно капацитетите за увоз на електрична енергија бидејќи тоа би било исклучително неповолно за целиот енергетски систем и би довело до последици кои што би биле посериозни“, предупредува Анѓушев.

Според Анѓушев, клучно во подготовките за претстојната зима ќе биде да се зголеми домашното производство на електрична енергија пред сè преку повторно вклучување на ТЕЦ Неготино и работа на гасната електрана ТЕ-ТО, кој што е приватен енергетски капацитет со голема инсталирана моќност.

Зборуваме за можност вклучување на ТЕЦ Неготино и обезбедување на мазут во овие услови. Имајќи ги предвид цените од 500 евра за мега ват час и виз-а-ви актуелната цента на мазутот, се воспоставува дека е економично враќањето на ТЕЦ Неготино и неговото враќање во рамки на Електростопанство практично би придонело да може тоа да работи во текот на зимата, а мазутот да се пушти на слободен пазар односно да видиме дали неговата регулирана цена би била пречка за таквото работење. И да се направат напори да се обезбеди увоз на мазут навреме за да може ТЕЦ Неготино да работи во текот на зимата. Важно е да се направат и разговори со ТЕ-ТО , кој е важен капацитет во македонскиот електроенергетски систем, но и во топлификацискиот систем на државата. Значи мора да се направат напори ТЕ-ТО  да работи во текот на зимата и како извор на електрична енергија и како извоз за стабилност на електроенергетскиот систем, но многу поважно за обезбедување на поевтина топлина за Градот Скопје кој што е како значаен. И тука тие разговори треба да се почнат уште отсега“, вели Анѓушев кој што додаде дека во државата има енергетски капацитети со инсталирана моќност од околу 40 MW, како фотоволтаици или мали хидроцентрали кои што не се вклучени на електроенергетската мрежа.

И тука сакаме да работиме преку институциите, Министерството за економија, Регулаторна, заедно со ЕВН тие капацитети што е можно побрзо да се приклучат на системот бидејќи секој инсталиран мега ват е ’чисто злато’ и е многу важен во енергетскиот систем на државата“, рече Анѓушев.

Последната мерка која што ја препорачува МЕА е измени во Законот за градење со кои што на индустриските капацитети со намена Г1 односно лесна и незагадувачка индустрија би им се овозможила полесна постапка за поставување на фотоволтаици како начин полесно да се одбранат од ценовниот шок на електричната енергија.

По средбата, министерот Бектеши соопшти дека речиси сите барањата на МЕА ќе бидат прифатени од Владата и ќе се имплементираат веќе од 1 август со воведувањето на кризната состојба.