Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение организираат работна средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на тема: „Очекувањата на приватниот сектор од новата Влада во време на корона и енергетска криза“.
На настанот присуствуваа повеќе од 90 претставници на германски, македонски и други интернационални компании-членки на здружението.
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и раководен член на Управниот Одбор на Македонско-Германското стопанско здружение го отвори настанот.
„По кризата која ја предизвика пандемијата во стопанството во цела Европа, можам со голема радост да кажам дека во 2021 постигнавме рекордната трговска размена помеѓу двете земји, со вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување за 23,6 отсто во споредба со 2020. Мината година имаше и проширувања на инвестициите кај повеќе германски инвеститори во земјата од автомобилската индустрија. Но среќен сум дека има и нови инвестиции кои ќе отворат голем број на добро платени работни места во сферата на услужната дејност и грижата за клиенти“.
Мартенс соопшти дека Македонско-Германското стопанско здружение иако измината година направи значајни промени во условите за членство и понатаму останува најголемо билатерално стопанско здружение во земјата, со 143 компании-членки.
Тој даде свој осврт и за темите кои ќе бидат клучни за Германија оваа година, како Зелената агенда и новиот Закон за добавувачи, кон кои ќе треба да се прилагоди и Северна Македонија, доколку сака да остане конкурентна како пазар.
Пред присутните се обрати и германската Амбасадорка во земјата, Анке Холштајн: „Доверливата клима на соработка со македонската Влада е важно признание за квалитет за локацијата Северна Македонија. Заедно ќе продолжиме да ја негуваме – за успешно да работат тие што се веќе овде, како и за понатаму да ја рекламираат Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции“.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во своето излагање говореше за можностите кои земјата ги пружа на странските инвеститори:
„Странските инвестиции се важни за економскиот развој на нашата земја, а германските инвестиции, како и европските се клучни. Пандемијата ги покажа слабостите и видовме дека Европа се соочи со големи предизвици кога ланците на снабдување се во далечни земји. Во Европа може да се произведуваат многу работи, а тоа значи и заштеда на трошоците. Северна Македонија тоа ќе го искористи и затоа правиме амбиент за нови инвестиции. Ние сме членка на НАТО, нашата позиција е и членство во Европската Унија, за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, впрочем тоа е нашата предност и во однос на некои од земјите од регионот“, изјави Ковачевски и додаде дека Владата во партнерство со сите релевантни чинители за да се спречи ценовниот шок предизвикан од светската енергетска криза, брзо и навремено, донесе пакет од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите.
Емилија Спировска, Член на Управен Одбор на единствената германска банка во земјата, ПроКредит Банка говореше за предизвиците со кои се соочува бизнис секторот во времето на најголемата енергетска криза.
На настанот присуствуваат и Заменик-претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, Министерот за економија, Крешник Бектеши, Министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
90 претставници на компаниите членови ја искористија оваа средба за вмрежување, на која има можност да постават бројни прашања директно до претседателот на Владата како и да споделат свои предлози и идеи кои може да допринесат за економскиот развој.