Од денеска, Европа воведе забрана за увоз на руски дизел гориво и други нафтени деривати, дополнително намалувајќи ја нејзината зависност од Москва во обид да ја казни Русија за воената акција во Украина.
Забраната е воведена заедно со ограничување на цената на нафтените деривати, што е резултат на договорот меѓу групата седум демократски земји.

Целта е да се дозволи дизелот да продолжи да се испорачува во земји како Кина и Индија и да се избегне нагло зголемување на цената на ова гориво, што би им наштетило на потрошувачите ширум светот, а во исто време ќе го намали профитот што го остварува Москва во државниот буџет.

Дизелот е од клучно значење за економијата бидејќи се користи во автомобили, камиони за транспорт на стоки, земјоделски машини и фабрички машини.

Членките на ЕУ отсега ќе купуваат дизел гориво од САД, Блискиот Исток и Индија за да го заменат руското гориво, кое своевремено покриваше десет проценти од потребите на Европа.

Цената на дизелот може да порасне поради зголемените транспортни трошоци и закрепнувањето на побарувачката во Кина, чија економија излегува од строгите ограничувања наметнати од пандемијата Ковид-19.