Европската унија треба да ги намали трошоците за електрична енергија во регионот за да спречи трајно затворање на погоните за производство на метали во регионот, што би ја зголемило зависноста од увоз со повисоки јаглеродни отпечатоци, предупредуваат здружението на индустријата Eurometaux.

Околу 50% од капацитетот за производство на алуминиум и цинк на ЕУ „веќе е принуден да биде исклучен поради електричната криза“, се вели во писмото на Eurometaux до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Големата загриженост ја делат сите енергетски интензивни индустрии – вклучително производителите на цемент, челик, хемикалии и ѓубрива – кои предупредуваат за „екстремно високото ниво“ на цените на гасот на европскиот пазар.

„Во последните недели голем број индустриски погони ги затворија своите фабрики или го намалија производствотово Европа, а во наредните недели се очекува да се зголеми нивниот број“, се вели во писмото потпишано од извршните директори на повеќе од 40 европски индустриско компании.

„Овие масивни намалувања на производството ќе ја зголемат зависноста на Европа од трети пазари за стратегиски синџири на снабдување и драстично ќе ги зголемат глобалните емисии на јаглерод“, предупредија тие.

Министрите на ЕУ се состанаа на 9 септември за да разговараат за итни мерки за одговор на порастот на цените на гасот и електричната енергија што ја загрозува европската индустрија откако Русија ја ограничи испораката на гас во блокот.

Eurometaux сака ЕУ да го подигне прагот од 50 милиони евра за олеснување што земјите на ЕУ можат да им го понудат на компаниите кои се во неволја, да обезбеди поддршка со ограничување на даноците и доплатите за струја и гас и да создаде итен фонд за помош на ЕУ за енергетско интензивните индустрии.

Eurometaux рече дека енергетската криза е „егзистенцијална закана за иднината на европските топилници за метал.

„Ги повикуваме лидерите на ЕУ и земјите-членки да преземат итна акција за да ги зачуваат нивните стратешки индустрии кои користат електрична енергија и да спречат трајни загуби на работни места“, предупредија од Eurometaux.

Намалувањето на производството на цинк, алуминиум и силициум веќе ги остави потрошувачите во европската челик, автомобилска и градежна индустрија да се соочат со сериозен недостиг, кој се компензира со увоз од Кина и од други места.

И македонските челичарници се соочуваат со закана да престанат со производство

И македонските челичарници и металопреработувачки се соочуваат со големи проблеми заради рекордно високите цени на енергенсите. Еурникел, Макстил, Титан, Саса, Бучим, Булмак, Либерти, Таб Мак, Дојран Стил се најголемите потрошувачи на струја, кои истовремено се и големи извозници, но и големи работодавачи кои вработуваат илјадници лица. На минатонеделната средба со министерот за економија Крешник Бектеши тие побараа конкретна поддршка од државата за субвенционирање на високата струја за да продолжат со работа. Во спротивно, тие се децидни дека ќе мораат целосно да прекинат со производство, што ќе предизвика голем ризик за нивното долгорочн опстојување.