Извозот и увозот во Кина забележаа силен раст во септември, бидејќи закрепнувањето на глобалната и домашната побарувачка обезбеди уште еден поттик за втората по големина економија во светот.
Увозот на Кина од глобалните пазари скокна за 13,2% во септември од претходната година, откако падна за 2,1% во август, според денеска објвените податоци од Генералната управа на царината на Кина.
Извозот ги надмина очекувањата и порасна за 9,9% во споредба со септември претходната година, што е најголем раст за повеќе од една година, со оглед на фактот што Кина продолжи да има корист од побарувачката на производи поврзани со борбата против коронавирусот, како и на електронски уреди за работа од дома.
Силните трговски бројки укажуваат на силно закрепнување што повеќето економисти очекуваат дека ќе покаже дека Кина ја поврати својата траекторија за раст од пред коронавирус од 5% до 6%, кога во понеделникот ќе ги објави извештаите за бруто домашниот производ во третиот квартал.
„Во наредните месеци, очекуваме да продолжи силата на извозот, а увозот може да продолжи да се шири како резултат на континуираното закрепнување на домашната активност“, им порачаа на клиентите економистите од Голдман Сакс во бележшка испратена денеска.
Притоа, увозот на Кина од САД се зголеми за 24,8% во септември во однос на претходната година, забрзувајќи од растот од само 1,8% раст во август.
Од страната на извозот, пратките од медицинска опрема и опрема за работа од дома се главниот фактор за растот на извозот на Кина.
Кина, која претрпе најголем удар од коронавирусот врз економијата во првите три месеци од годинава, главно го продолжи фабричкото производство до вториот квартал, што и даде конкурентска предност, додека поголем дел од светот се бореше со затворањата на економиите.
Извор:Wall Street Journal