Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески пред претставниците на компаниите производители на вино денеска го презентираше Извештајот од Истражувањето на ставовите и перцепцијата на потрошувачите во Србија за македонски производи за широка потрошувачка достапни на српскиот пазар.
Северна Македонија на српскиот пазар се перципира како една од земјите каде се произведува најдобро вино и од каде што доаѓа вино кое нуди најдобар сооднос на цената и квалитетот. Македонските вина се на петтото место како најквалитетни по Франција, Србија, Италија и Шпанија, а на високото трето место се позиционирани според соодносот квалитет и цена.

Три македонски винарии се најпрепознатливи на српскиот пазар, според истражувањето, а вината на Тиквеш се на второ место по српски Рубин, како вина кои најчесто се купуваат.
“Чест ми е што оваа истражување е добро прифатено од домашните компании и што во иднина сериозно ќе им послужи во бизнис плановите. Српскиот пазар е огромен потенцијал за македонските производи и има простор за зголемување на соработката. Оваа иницијатива е иницијална, ќе ги земеме во предвид вашите предлози и како Агенција ќе помогнеме за долгорочен пристап и континуирано присуство на македонските производи на српскиот пазар”, истакна Павлески пред присутните.
Дел од претставниците на винариите предложија да се олеснат административните бариери во делот на дополнителни лабораториски анализи на виното. Сите се сложија дека е потребна заедничка промоција на македонските вина преку организација на викенд тури за посета на македонски винарии бидејќи туризмот е вистинска можност да се запознаат соседните држави со македонските производи.
Истражувањето е направно на повеќе од 1000 испитаници, а целта на Агенцијата е согледување на пазарот во Србија од повеќе аспекти, да се извлечат релеванти и корисни заклучоци кои ќе послужат за формулирање на препораки за унапредување на извозот на македонските компании во Србија.