Истражување на пазарот е процес на прибирање на информации за целниот пазар кое ќе ви даде насоки за тоа како да пронајдете можности на пазарот и најдобро да ги искористите. Без оглед на големината на комапнијата, неопходно е да се испланираат време и ресурси за истражување на пазарот.
Постојат два основни типа на истражување на пазарот:
Секундарно истражување на пазарот
Во овој вид на истражување, податоците се собираат на домашниот пазар и од извори како што се написи од весници и списанија, студии, извештаи за пазарот и постоечка трговска и економска статистика.
Корисни информации можат да имаат и некои владини тела, дипломатските претставништва, стопански комори, секторски здруженија, кластери и меѓународни економски организации.
Во повеќето случаи, нивните податоци се бесплатни и лесно достапни. Овој вид на истражување најверојатно ќе биде доволен ако планирате да работите преку локален посредник кој на терен ќе спроведе дополнителни истражувања.
Примарно (длабинско) истражување на пазарот
После секундарното истражување на пазарот, можете да започнете со примарното и длабинско истражување на пазарот. Во примарното истражување на пазарот, податоците се собираат директно на странскиот пазар преку интервјуа, анкети и други контакти со претставници и потенцијални клиенти.
Прашалниците генерално се состојат од насочени, концизни и јасни прашања и ги пренесуваат целите на компанијата на начин што е прилагодена на локалните обичаи и разбирање. Потребно е доволно време и ресурси за да се спроведе овој вид истражување на пазарот.
Добри партнери за спроведување на ваквите истражувања се дистрибутерите и агентите, кои можат да ви дадат идеја за најдобрите пристапи кон анализа на пазарот.