На располагање 9,2 милиони евра од ИПАРД 2 во форма на грантови за инвестиции во земјоделството

Сите земјоделци кои сакаат да ги модернизираат фармите од денеска па се до 14 април 2020 година, ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка преку ИПАРД 2 Програмата.

Од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој информираат дека станува збор за мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“  од ИПАРД 2 Програмата.
Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9.216.693 евра или  568.147.394 денари, преку која на земјоделските стопанства им се овозможуваат широк спектар инвестции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати.

“Мерката  е наменета за реализирање инвестиции што се однесуваат на следните приоритетните сектори: растително производство, сточарско производство, преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделското стопанство, производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка”, објаснува директорот Никола Бабовски.

Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратен грант во износ од 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за оваа мерка. Процентот се зголемува до 65% за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Сите кои сакаат да аплицираат треба да имаат комплетна документација и да пополнат и поднесат Барање за користење средствата од ИПАРД Програмата 2014-2020 за мерка 1 – „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ и придружна  документација како што е наведена во Јавениот повик.

“Преку искористувањето на средствата од ИПАРД 2, Република Северна Македонија ќе обезбеди достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита при работа, здравје и заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за одржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост, стои во соопштението од Агенцiјата”, велат од Агенцијата.

Повеќе информации за тоа како може да добиете грант за инвестиции можете да прочитате во јавниот повик на следниов линк.