Минатата година од Македонија биле извезени автомобилски делови во вредност 144,7 милиони долари (130 милиони евра), што е раст од 5,6% во спроредба со претходната 2018 година.
Најголем дел од извозот или околу 102 милиони долари отпаѓа на извозот на сигурносни воздушни перничиња. Следи извозот на менувачи и нивни делови чиј извоз во 2019 година изнесувал 25,3 милиони евра. Околу 7,5 милиони долари изнесувал извозот на кочници, извозот на вклучно-исклучни спојници изнесувал околу 4 милиони долари, 1,4 милиони долари изнесувал извозот на прибори за каросерии, околу 1 милион евра изнесувал извозот на волани и нивни делови.
Станува збор за делови за автомобили кои се извезуваат под ставка 8708 од хармонизираниот тарифен систем.
Во овој извоз не се вклучени извозот на катализаторите и апарати за прочистување на издувни гасови на Џонсон Мети, кои се извезуваат како хемиски производи, како и извозот на автомобилски навлаки и автомобилските сетови за палење.
Минатата година само извозот на Џонсон Мети достигна над 2 милијарди долари.
Најголем дел од автомобилските делови произведени во Македонија минатата година во вредност од околу 63 милиони долари се извезени во Романија. Германија е втор најголем извозен пазар каде лани имало извоз во вредност од 25,6 милиони долари. Во Унгарија биле извезени автомобилски делови во врендост од 22,6 милиони долари. Следи Словенија со извоз од околу 9 милиони долари, Мексико со извоз од 5,3 милиони долари и Бразил каде лани биле извезени делови во врендост од 4,9 милиони долари.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека извозот на автомобилски делови се зголемува секоја година. Колку за споредба пред пет години, односно во 2015 година извозот на автомобилски делови од земјата изнесувал само 11, 6 милиони долари.
Но, и покрај растот, Македонија е најмал извозник на автомобилски делови споредено со земјите од регионот.
Според податоците од Worldtopexports nајголем извозник на автомобилски делови во регионот е Словенија, која лани имала извоз во вредност од 1,2 милијарди долари.
Хрватска лани имала извоз на автомобилски делови во вредност од 326 милиони долари, Србија имала извоз од 207 милиони долари, Бугарија извезла делови во вредност од 197 милиони долари и 160 милиони долари изнесува извозот на авт делови од Босна и Херцеговина.