По два месеци раст, продажбата на автомобили во Кина падна во март како резултат на строгите ограничувања на земјата за зауздување на растечкиот број на заразени со омикрон варијантата на корона вирусот.

Продажбата на најголемиот светски пазар на автомобили падна за 11,7% во март во однос на претходната година на 2,23 милиони возила – негов прв пад во последните три месеци и остар контраст со скокот од 18,7% во февруари, според Кинеската асоцијација на производители на автомобили.

„Неодамнешната ситуација со пандемијата беше доста тешка и затоа бројките во март не беа премногу добри и во моментов не гледаме големо подобрување во април“, рече Чен Шихуа, заменик генерален секретар на здружението.

Тој додаде дека производителите на автомобили ја притискаат владата за мерки за поддршка, како што се намалувања на данокот за купување автомобили.

Кина воведе строги заклучувања за да го спречи ширењето на многу заразната варијанта Омикрон, вклучително и во провинцијата Џилин и Шангај.

Tesla го прекина производството во својата фабрика во Шангај од 28 март, додека фабриката на Volkswagen во Шангај го паузираше работењето овој месец. Заедничките фабрики на Volkswagen и Toyota Motor со нивните кинески партнери во Чангчун, се суспендирани од средината на март.

Додека вкупната продажба во март во Кина опадна, продажбата на нови енергетски возила, кои вклучуваат електрични возила на батерии, бензинско-електрични хибриди и возила со водородни горивни ќелии, се зголемија повеќе од двојно во март на 484.000 возила. Тоа, сепак, беше значително побавно од тројното зголемување на продажбата во февруари.