Бидејќи е јасно дека кризата со електричната енергија останува и натаму (цената на струјата денеска на 3.5.2022 г., е 218,5 евра), а се приближуваат, односно се подјадуваат деновите до почетокот на новата грејна сезона, од Стопанскатата комора на С.Македонија велат дека мора да се дејствува во два правци, да се зголеми домашното производство и да се направи заштеда на електрична енергија и нејзина рационализација.
Во однос на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија, од Стопанската комора предлагаат:
1.Да се размисли за докапитализација на АД „ЕСМ“ преку издавање државни обврзници или акции на домашни физички и правни лица за прибирање соодветни финансиски средства, кои би се користеле исклучиво за изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија и под строг надзор на државата.На тој начин целокупното општество ќе биде заинтересирано за успешно работење на овие производствени капацитети и би го придвижило и пазарот на средства кои сега едноставно се чуваат во банките или се трошат за купување недвижности, особено станови во Скопје (што може да се забележи од најновиот попис), во услови кога не постои квалитетна берза во земјава или други видови финансиски пазари.
2. Да се иницира изградба на други енергетски објекти во соработка со ЕСМ, ЕВН и со стопанствениците, преку соодветни удели, и изградба на поголеми енергетски постројки – надградба во комбинирана гасна електрана во „Неготино“ и во „Осломеј“; постепена замена на термоелектраните во Битола со гасни електрани во комбиниран циклус; изградба барем на една пумпно-реверзибилна електрана од 100 до 120 MW за да може да се складираат евентуални вишоци на произведена електрична енергија преку пумпање вода од долниот во горниот воден резервоар; изградба на проточни хидроелектрани на Вардар, ХЕЦ „Бошков Мост“, Брана „Луково Поле“ и сл.
3. Инвестирање во фотоволтаици за сопствени потреби на компаниите. На тој начин се избегнуваат проблеми од типот на може или не може да се направи приклучок кон дистрибутивната мрежа; се избегнува договор со дистрибутерот кој треба да ја купува енергијата и притисоци околу цените во еден и во друг правец – од дистрибутерот спрема компанијата и обратно и од производителот на електрична енергија од ФВ спрема дистрибутерот.
4.Субвенционирање во дел од трошоците за струја за компаниите кои произведуваат стратешки производи – производители на основни прехранбени производи, но и субвенционирање на другиот дел од индустријата.
Во однос на заштедата на електрична енергија и нејзина рационализација, од Стопанската комора предлагаат државата итно да донесе наредба на каков начин ќе се спроведе тоа.
“Во март 2021 г. компаниите плаќаа 60 евра/MWh, а оваа година во март – 280 евра/MWh. Трошокот за струја е зголемен за 4,5 пати. Во регионот во овој момент Македонија, Косово и Албанија се целосно оставени на отворен пазар. Србија до јули гарантира 75 евра/MWh, во Босна цената на струјата е 69 евра/MWh, Грција прави субвенција на индустријата од 130 евра /MWh, а Бугарија има варијабилна формула, која може да оди до 120 евра /MWh субвенции, така што македонското стопанство станува неконкурентно, а тоа порано или подоцна ќе се одрази сериозно врз нивното натамошно работење“, предупрадуваат од Стопанската комора.
Според Комората, секој следен ден загубите на компаниите ќе бидат сѐ поголеми ако во меѓувреме не се преземе нешто. Затоа Комората порачува дека конечно мора да се направат дополнителни напори за обезбедување што поголемо и економски прифатливо решение за домашно производство на електрична енергија, паралелно со сериозни активности во доменот на зголемувањето на енергетската ефикасност, како во делот на производството на електрична енергија, така и во делот на нејзината потрошувачка и на нејзиното рационално користење.